На спортскиот аеродром во скопски Стенковец, денеска ќе се одржи голем аеромитинг по повод одбележување на јубилејот „100 години македонска авијација“, за чиј почеток се смета основањето на Аероклубот Скопје во далечната 1923 година.
Како што информираат од аероклубот во Стенковец, за настанот на кој ќе присуствуваат владини претставници и гости од земјата и регионот, подготвена е богата програма во која ќе учествуваат над 30 различни воздухоплови од земјава и странство како и падобранци од нашата земја и од пријатели на клубот од целиот регион.
Вратите за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот.
Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации, најавуваат организаторите.
Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција, а посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи МИГ-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе биде дел од големиот Аеромитинг.
Влезот на аеромитингот ќе биде бесплатен за посетителите, но, бидејќи паркинг-местата се ограничени, на посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси кои тргнуваат во 8.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел кај Еделпром и салата Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правци до 19 часот.