Македонија2025 ќе додели две Признанија за придонес на припадниците на дијаспората

Stan and Vlatko
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонија2025, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, ќе додели дополнителни две признанија за придонес на припадниците на дијаспората кон развојот на Република Македонија за 2023 година. Добитници на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората се: Стен Томас од Канада за неговиот исклучителен придонес за македонската заедница во областа на филантропијата, социјалното влијание и хуманистички работа и Влатко Андоновски од САД за придонес во областа на лидерството и застапувањето.

Оваа иницијатива на Македонија2025, а под покровителство на претседателот Пендаровски, е наменета за поединци, припадници од дијаспората, кои без оглед кога и каде се родени се нераскинлив дел од националното ткиво на македонскиот народ, како симболично признание за нивниот несебичен и континуиран ангажман и придонес во различни сфери кон родната земја. Признанието за придонес на припадниците на дијаспората кон развојот на Република Македонија им оддава почит и јавно признание на припадниците на дијаспората кои индивидуално или преку нивни организации и групи во текот на изминатите години дале значаен придонес кон економскиот и/или општествениот развој на земјата, или промоција на земјата на меѓународен план, преку различни форми како донации, инвестиции, волонтерска работа и слично. Признанието ги вреднува напорите на припадниците на дијаспората кои доброволно и без лична корист враќаат кон татковината од која потекнуваат тие лично и/или претходните генерации од нивното семејство.


Согласно распишаниот повик за номинации на добитници на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората, на кој пристигнаа 12 номинации на реномирани Македонци кои живеат во дијаспората, Комисијата за избор на добитници ги избра гореспоменатите добитници. Стен Томас, роден Канаѓанец, е поединец кој ги негува своите македонски корени. Се истакнува по својата филантропија и хуманистичка работа, и преку својот долгогодишен ангажман влијае за позитивна промоција и афирмација на македонците во Канада. За косовската криза во 1999 година кога Македонија беше преплавена од илјадници косовски бегалци, Стен Томас испрати фармацевтски залихи во вредност од четири милиони долари во Македонија. Стен бил директор на Македонскиот центар за постари граѓани во Канада, Торонто, и претседател од 1990-93. Повеќе од 15 години, Стен е организатор на Macedonian Open, еден од најстарите голф турнири во Канада со хуманитарен карактер, каде со текот на годините, се собрани над 1.200.000 американски долари за потребите на Македонскиот центар за постари граѓани во Канада.

Влатко Андоновски е професионален фудбалер и тренер, кој од Скопје заминува за САД во 2015 година. Професионално играл во својата родна земја, во Европа и подоцна во Америка. Влатко Андоновски е именуван за деветти селектор во историјата на женската фудбалска репрезентација на САД на 28 октомври 2019 година, функција која ја обавува до август 2023 година. Иако неговата прва година како главен тренер била погодена од пандемијата КОВИД-19, Андоновски ги доби своите први 11 натпревари, со 11-0-0, поставувајќи рекорд за најдобар старт за кој било тренер во историјата на USWNT (United States Women’s National Soccer Team). Минатата година освои трофеј на КОНКАКАФ шампионатот, а ги водеше САД и до олимписка бронза. Андоновски, преку своето изразено лидерство и застапување во текот на својата професионална кариера и професионален успех, влијае кон позитивна промоција и афирмација на својата родна земја во светот.

Признанијата ќе бидат свечено доделени од страна на Претседателот на Македонија, г-дин Стево Пендаровски на свечен Гала настан во Чикаго, САД. Претстојниот Гала настан ќе се одржи на 23 септември во хотел Хилтон во Чикаго, и е настан посветен на мобилизација на средства за  унапредување на мисијата на Македонија2025. Овој настан ќе собере истакнати поединци од деловниот свет кои споделуваат длабока посветеност на каузата на нашата организација и нашата земја. Повеќе за настанот на следниот линк

Првото Признанието за придонес на припадниците на дијаспората за 2023 година беше доделено во април годинава, на Софи и Митре Кутановски за нивниот исклучителен придонес за унапредување на Македонија и нејзиниот народ, особено преку нивната филантропска и социо-економска поддршка на Радожда и поширокиот регион.

Македонија2025 им честита на добитниците на Признание за придонес на припадниците на дијаспората.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK