Руската воздушна одбрана утрово собори беспилотно летало кое се приближуваше кон Москва, напиша градоначалникот на главниот град на Русија, Сергеј Собјанин во апликацијата за пораки Телеграм.
Руските медиуми објавија дека повеќе од 40 летови биле одложени на аеродромите во главниот град Внуково и Домодедово, повикувајќи се на веб-страница за следење летови.
Аеродромите во Москва во последните неколку недели постојано ги прекинуваа летовите поради, како што наведоа руските власти, напади со украински беспилотни летала врз градот. Претходно, Русија соопшти дека соборила два украински беспилотни летала во нејзиниот јужен регион Брјанск, еден ден откако дронови погодиле цели во најмалку шест региони длабоко во Русија.
Вчера украински беспилотни летала погодија цели длабоко во Русија. Покрај Брјанск, беспилотни летала погодија и аеродром во западниот регион Псков и беа соборени над Москва, Ориол, Рјазан и Калуга.