Министерот за економија Крешник Бектеши со контра прашање до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ околу изјавите дека секој министер на ДУИ има компании на кои им ги даваат тендерите.
„Јас нема да ви кажувам имиња поради тоа што имаме процеси што се во тек. Но би го прашал Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, како можат нивни претходни министри денеска да бидат сведоци на странски компаниии во судски постапки против државата што ја преставувале. Нема да помине многу, ќе им ги кажеме имињата само да зваршат судските процеси. Ако зборуваме за компании, министер од ВМРО-ДПМНЕ денеска е сведок против својата држава, а ја имал честа да биде министер на таа држава. И е сведок заради тоа што, кога му завршила функцијата министер веднаш добил акции и се вработил во менаџментот на таа компанија каде што денеска сме во судски спор. За тоа да одгоори Мицкоски. Да не шири лажни вести. А посебно би му препорачал да не се занимава со луѓе кои денеска не живеат меѓу нас“, му порача Бектеши на Мицкоски.
Во однос на компанијата, новинарите ги упати на адреса на МНР, од каде, како што рече, треба да ги објаснат сите процедури.
Деновиве од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со информација дека Бујар Османи како министер за надворешни работи на фирмата „Еуровиа ДООЕЛ“ ќе и исплати 1,8 милиони евра, пари на граѓаните, за кои како што велат од таму, ќе бидат наменети за преадаптирање на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Додека Османи вели дека токму оваа фирма понудила наисплатлива понуда на тендерот, оваа фирма се поврзува со ДУИ во неколку наврати, изјави Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сопственик на Еуровиа ДООЕЛ е фирмата „Еуровиа Холдинг“, во која освен Елмедин, како сопственик се води и Елдин Адеми, прв човек на огранокот на ДУИ, во Јегуновце.
Истата оваа фирма Еуровиа, која е на Елмедин Адеми, внук на поранешниот министер на ДУИ, Абдулаќим Адеми, добила други тендери во вредност од два милиони евра, еден за изградба на новата полициска станица во Аеродром, вториот за реконструкција и пренамена на објекти за Универзитетот „Мајка Тереза”, рече таа.
Како интересен факт посочи дека токму оваа фирма се јавува како најголем донатор на ДУИ.