Голем дел од Американците веруваат дека годините на американскиот претседател Џозеф Бајден се неговиот камен на сопнување кога станува збор за обезбедување втор мандат во Белата куќа, покажале резултатите на Центарот за истражување на јавното мислење „AP-NORC“.
Според резултатите од истражувањето, околу 77 отсто од Американците сметаат дека Бајден, кој во ноември ќе го прослави својот 81 роденден, е премногу стар за да биде целосно способен претседател доколку биде реизбран следната година. Ова мислење го делат 89 отсто од анкетираните републикански поддржувачи и 69 отсто од поддржувачите на демократите.
Ерик Дезенхал, поранешен функционер во Белата куќа за време на мандатот на поранешниот американски претседател Роналд Реган, рече дека Бајден се чини дека е многу ранлив поради неговата возраст, и дека дури и луѓето што го сакаат го гледаат како „слаб и не е целосно присутен“, пренесува „Раша тудеј“.
„Без оглед на недостатоците на поранешниот американски претседател Доналд Трамп кој има 77години, мислам дека многу луѓе не го гледаат како неспособен поради неговата возраст“, додаде Дезенхол.
Според резултатите од истото истражување, околу 50 отсто од Американците веруваат дека возраста на Трамп е исто така негативен фактор кога станува збор за неговите шанси да биде реизбран за претседател.
Истражувањето ја покажува желбата на Американците да имаат помлада генерација претставници во Вашингтон, а околу две третини од испитаниците се заложија за ограничување на возраста кога се во прашање кандидатите за претседател и членовите на американскиот Конгрес, велат познавачите.
Слично, 67 отсто од испитаниците поддржуваат воведување задолжителна пензија на одредена возраст за судиите на Врховниот суд.
Во извештајот по истражувањето, се наведува дека 15 отсто од испитаниците го опишале Бајден како „бавен“ и „збунет“, додека истиот процент го опишале Трамп како „корумпиран“ и „нечесен“.