Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ги започна консултациите со граѓанските организации за подготовката на стратешките документи кои се потребни за отворање на првиот Кластер, Патоказите, со цел како што рече вицепремиерот „квалитетно и навремено да одговориме на барањата на ЕУ“.
– За ова придонесот од граѓанскиот сектор е најважен поради знаењето кое го има, долгогодишна експертизата и вештините со кои располагаат во клучните областите за Патоказите. Како докажан и кредибилен партнер на Владата во сите досегашни реформски процеси, вградувањето на знаењето, анализите и ставовите на граѓанските организации се исклучително важни во дефинирањето на приоритетите за реформските зафати во секоја од областите кои треба да бидат презентирани во трите Патокази, посочи Маричиќ на состанокот.
Маричиќ укажа дека вклучувањето на граѓанското општество во процесот на подготовка на патоказите е многу важно, како поради инклузивноста и транспарентноста на водењето на процесот на преговори со ЕУ, така и за процесот на подготовка на овие стратешки документи.
– Со цел инклузивност и транспарентност на процесот, обезбедување квалитетна изработка на патоказите и интегрирање на знаењето и експертизата на граѓанските организации го вклучуваме граѓанското општество, преку серија средби и консултации, со цел да се обезбеди конкретен пишан придонес при изработката на патоказите од страна на институциите, рече Маричиќ.
На средбата претставниците на граѓанските организации го поздравија почетокот на консултативниот процес за Патоказите и покажаа интерес за активно вклучување во отворената дискусија со свои видувања, анализа и коментари, кои ќе треба да ги достават и писмено, што ќе биде од витално значење за квалитетот на финалната содржина на овие документи.