Тренчевска: Барањата на пензионерите кои протестираат ќе бидат разгледани од Работната група

trencevska
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Таа потврди дека во септември ќе има усогласување на пензиите согласно закон и оти се очекуваат податоците од Државниот завод за статистика за да се види колкав ќе биде процентот.

Барањата на пензионерите кои протестираат ќе бидат разгледани од работната група во која покрај претставници од институциитe, ќе бидат вклучени и претставници на Сојузот на здружениja на пензионери со цел да се изнајде заедничко решение, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска по пуштањето во употреба на нова градинка во општина Пробиштип.


– Со оглед на тоа што веќе ги имаме добиено предлозите на пензионерите кои протестираат, тие ќе бидат ставени на разгледување од работната група. Значи, за оние првични предлози јавноста ќе биде информирана, како и пензионерите кои протестираат, вели Тренчевска прашана дали претставници од иницијативните одбори на пензионерите кои протестираат ќе бидат вклучени во работната група.

Сојузот на пензионери не е против барањата на пензионерите кои протестираат, вели Тренчевска. Тие сакаат барањата да ги стават во рамки на институциите за да дојдеме заеднички до решение.

Прашана дали се размислува за линеарно зголемување на пензиите, министерката Тренчевска рече дека прво ќе се чека на мислење од Уставниот суд и од правната експертска јавност.

Таа потврди дека во септември ќе има усогласување на пензиите согласно закон и оти се очекуваат податоците од Државниот завод за статистика за да се види колкав ќе биде процентот.

Меѓу главните барања на Иницијативниот одбор на пензионерите кои протестираа низ градовите во земјава се линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари и изедначување на минималната пензија со минималната плата во државата.

Во вторникот, Владата на седница ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за формирање работна група за разгледување предлози за прашањето за најниската пензија во државата, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите. Владата го донесе решението за формирање на работната група.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK