Фудбалерот на Аталанта, Ел Билал Туре, кој ова лето стана најскапото засилување во историјата на клубот од Бергамо, ќе отсуствува неколку месеци поради повреда на тетивата.
„Срцето ме боли за ова момче, толку многу сакаше да игра и да покаже што ни носи… Колку ќе трае неговото отсуство ќе знаеме во наредните денови“, изјави денеска тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини.
Туре, репрезентативецот на Мали, се повреди минатата сабота на пријателскиот натпревар против Јувентус.
Аталанта во летниот преоден рок плати 28 милиони евра за 21. годишниот напаѓач, кој минатата сезона настапуваше за шпанска Алмерија.
Туре е замена за данскиот напаѓач Расмус Хојлунд кој за 74 милиони евра се пресели во Манчестер јунајтед.
Аталанта попладнево ќе му гостува на Сасуоло во првото коло од Серија А.