ДА НЕ ИЗГОРИ И ВИСТИНАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА Убиство или лошо менаџирање на модуларната – кој е во погрешен филм?

pozar-tetovo-bolnica-6-750x430
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Нема ништо спорно ни во проектот на Светска банка, ни во изведбата на модуларната болница во Тетово од страна на компанијата „Брако“. Нема никакво убиство со умисла, ниту заговор. Ако се почитувале јасните упатства за менаџирање на овој објект од времен карактер, ако од него не се направел контејнер за интензивна нега на ковид-пациенти полн со воздух „заситен“ со кислород и со кислородни „бомби“, до пожарот немало ни да дојде. Во каков филм и да сме влезени, вистината за причините за трагедијата нема да можеме да ја изгориме.

Порталот Плусинфо не го објави документарниот филм на ИРЛ со наслов „Убиство во Тетово“, за пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година, во кој загинаа 14 лица. Постојат две крупни причини поради кои донесовме ваква уредничка одлука:


Прво, сите интернет портали секојдневно меѓусебно преземаат содржини, за што се утврдени и услови и професионални стандарди, но секој онлајн медиум самиот одлучува што и како ќе пренесе, ќе преземе и ќе објави. Не постои нешто што се нарекува „врховна уредувачка политика“ која единствено го препознава „јавниот интерес“ и ја гледа „поголемата слика“. Независните медиуми не се платформи за „споделување“, туку тие одговорно водат самостојни уредувачки политики. Во крајна линија, во тоа е и смислата на плурализмот во медиумите.

Второ, оценивме дека истражувачката сторија на ИРЛ е еднострана и недоволно го почитува правилото audiatur et alera pars (да се слушне другата страна). Изборот на извори е селективен и пристрасен. Дел од обемната документација поврзана со изградбата на модуларната болница е презентиран нецелосно и еднострано. Врз основа на исказ на една разрешена обвинителка, во сторијата на ИРЛ трагедијата во Тетово е оквалификувана како убиство и без задршка се посочени неколку лица како актери на тоа злосторство. Од етички аспект, таквата авторска постапка, според нас, е спорна и професионално неодржлива.

Што напиша Плусинфо на шестиот ден по трагедијата?

На 14 септември 2021 година, значи на шестиот ден по трагедијата, авторот на овој текст во Плусинфо објави обемна анализа под наслов „Кој е виновен за трагедијата во Тетово – модуларните болници или модуларните политичари?“ (линк до оваа анализа објавуваме и на крајот на оваа статија).

Во оваа анализа се изнесува основаната претпоставка дека можна причина за настанување и за брзото ширење на пожарот била високата концентрација на кислород во воздухот во модуларната болница, слабото обезбедување на објектот, недостигот од противпожарна опрема и со еден збор – лошото менаџирање на болницата. Во таа анализа, меѓу другото, пишува:

„… На вознемирувачките снимки од трагедијата се слушаат експлозии, кои наведуваат на основано сомневање дека пожарот, кој можеби избил и од банални причини, всушност добил катастрофично забрзување и размери кога огнот дошол во допир со атмосферата заситена од кислород. При нестручно ракување со опремата за вентилација или кислородна поддршка, тоа присуство драстично се зголемува. ‘Ако се покаже дека во објектот експлодирале кислородни боци или друг вид кислородна инсталација, од какви било причини, ве уверувам дека исходот на несреќата би бил исто ваков дури и во случај модуларните објекти да биле изградени од бетон, дури и тие практично да биле бетонски бункери“, вели за Плусинфо експерт што го консултиравме, кој сака да остане анонимен“.

И ова: „Од почетокот на пандемијата во март 2020 година, до јуни оваа година, се случиле околу 40 инциденти со пожар во ковид-центри во различни места низ светот, при што животот го загубиле повеќе од 200 лица. Повеќето биле пациенти со коронавирус со тешка клиничка слика. Инциденти сличен на оној во Тетово се случиле во Романија, Украина, Египет, Турција, Индија и во Русија. Во некои случаи причината била дефект со електриката и поради чистиот кислород, била предизвикана експлозија и пожар.“

Да се разбереме добро. Ова е напишано само шест дена по пожарот, кога во јавноста сѐ уште не постојат никакви информации од истрагата и не се спомнуваат ни електричната инсталацијa, ниту инцидентот со дефибрилаторот и приклучокот. Истрагата и сите релевантни вештачења, вклучувајќи го и вештачењето на германските форензичари, подоцна ги потврдија сите претпоставки во анализата на Плусинфо.

Која е верзијата на ИРЛ?

Во документарецот „Убиство во Тетово“, ИРЛ промовира други тези за трагедијата. Ова се најважните:

  • Животите ќе биле спасени доколку се почитувале Законот за градење и Законот за здравствена дејност. Во тој случај ќе се предвиделе соодветни материјали и ќе се дизајнирала соодветна конструкција на минималните технички стандарди за заштита од пожари и експлозии во објект со намена за вршење здравствена дејност.
  • Објектите се супстандардни и не обезбедуваат заштита од пожар и од експлозии.
  • Техничката спецификација којашто ја изработило Министерството за здравство не можела да ги задоволи минималните законски стандарди за безбедност.
  • Германски вештаци и македонскиот вештак електроинженер вистинските причини за пожарот ги лоцираат во несоодветната градба и во лошо изведената електрична инсталација.
  • Градбите биле незаконски затоа што Министерството за здравство направило, а Министерството за труд и социјала заедно со претставници на доверителите од Светска банка одобриле набавка за стоки наместо набавка за привремена градба болница, иако сите знаеле со каква намена ќе бидат модуларните објекти.

Се разбира, секој медиум и секој новинар има право на сопствено мислење. Сепак, професионална и етичка обврска на новинарот е да ги презентира фактите. Или, како што тоа обично се вели, секој има право на свое мислење, но не и на сопствени факти.

Кои се неспорните факти?

Факт број 1: Еколошките ѕидни ПУР панели се избор на инвеститорот и на проектот.

Одлуката да се изградат 19 времени објекти наречени модуларни болници е донесена во време на драматичен недостиг на болнички капацитети во екот на пандемијата. Во врска со ова, директорката на Инфективната клиника во Скопје, д-р Милена Стевановиќ, тогаш ќе предупреди дека тетовската трагедија сепак не треба да биде причина да се спори квалитетот на модуларните болници и да се негира фактот дека тие битно ги зголемија болничките капацитети за справување со кризата.

„Сите тие болници имаат свој технички прием и градежни документи без никаква замерка. Еве, да зборувам за модуларната болница која има капацитет дури од 70 легла и е припоена кон Клиниката за инфективни болести. Да ве потсетам, илјадници пациенти беа спасени од тешка клиничка слика, од средно тешка клиничка слика“, изјави д-р Стевановиќ.

Техничката спецификација за модуларната болница во Тетово е придружена со еден документ со долг наслов, во оригинал на англиски јазик: ENVIRONMENTAL AND SOCIAL MANAGEMENT PLAN (ESMP) CHECKLIST North Macedonia Emergency COVID-19 Response Project P173916 – Tetovo „Installation of mobile COVID 19 hospital within the hospital in the City of Tetovo“. Во овој документ, меѓу другото, се пропишани и основните стандарди на конструкцијата на објектот: челична конструкција, еколошки ѕидни ПУР панели со соодветна термална и звучна изолација, инвертери и електрични панели, електрична инсталација итн. Еве го тој дел од проектот:

Значи, јасно и неспорно е дека инвеститорот купува опрема за времени објект (контејнери), при што изведувачот на проектот, велешкиот гигант „Брако“, е производител само на челичната конструкција, а сите други елементи се набавени од други производители. И јасно и прецизно е напишано дека проектот предвидува употреба на еколошки ѕидни ПУР панели.

Тоа не е случајно, се разбира. Ниту е грешка на проектантот или на инвеститорот. Имено, во истиот документ се објаснува дека ваков тип на болница се опремува со базична минимална медицинска опрема (поименично наведена), при што во никој случај не се спомнува дефибрилатор, на пример. Ваквите објекти не се наменети за интензивна нега на ковид-пациенти и за опремување со медицинска опрема за интензивна нега.

Факт број 2: „Брако“ ја изградил модуларната според проектот и според стандардите.

Никој не се сомнева, па ни ИРЛ во својата истражувачка сторија, дека „Брако“ ги изградил модуларните болници по проект подготвен од Светска банка, како дел од групата активности на Банката кои ги презеде во дваесеттина средно-развиени држави во светот за поддршка во пандемијата на ковид-19 како што се модуларни ковид-болници, електрификација на ковид болници, други зајакнувања на здравствената инфраструктура итн.

Toчно 19 модуларни болници, во постапка како за времени објекти, се изградени по тендер од Министерството за труд и социјална политика. Договорот со „Брако“ е потпишан од тогашната министерка Јагода Шахпаска. Сите 19 модуларни болници му се платени на „Брако“. Договорот за 10 амбуланти во Скопје (во постапка како за трајни објекти) е склучен по тендер од Министерството за здравство и потписник е тогашниот министер Венко Филипче. Државата не ги плати трите изградени амбуланти во Скопје, за што компанијата го тужи Министерството за здравство, бидејќи ги презеде амбулантите и две години ги користи, а не ги плаќа.

Во објектите се вградени точно сите материјали кои се пропишани во проектот и во документацијата, а тоа е потврдено со сертификати и со записници и со документи за примопредавање. „Брако“ ги изгради модуларните болници по цена за 50% пониска од таа што ја понудија кинески и турски фирми за истите материјали, плус металните конструкции. Веднаш по трагедијата, Дојче Веле ќе пренесе оценка на Светска банка дека модуларната болница во Тетово била градена според меѓународните и домашните стандарди.

Светска банка пропишува дека корисникот (главната болница) не смее да става довод на кислород, да внесува големи боци кислород и внатре да користи апарати како дефибрилатор. Во тетовската модуларна болница е инсталиран довод на кислород (не од „Брако“) и внесени се десеттина боци со кислород. Несреќната пациентка која е реанимирана со дефибрилатор во моментот кога избива пожарот, е оживувана додека на неа имало маска со кислород и таа прва гори при третманот.

Факт број 3. За противпожарната заштита одговорна е тетовската болница.

Недостигот на противпожарна опрема во модуларнатата болница во Тетово е еден од неспорните крупни пропусти во менаџирањето со објектот. Планот за заштита од пожари требало да го изработи и да го спроведе болничкиот персонал под раководство на директорот на болницата во Тетово, изјавиле од Светска банка за Дојче веле на 24 септември 2021 година. Сведоци на трагедијата претходно за ДВ тврдеа дека во модуларната болница немало ни противпожарни апарати, па пожарот првично се гаснел со пластични садови за вода.

Факт број 4. Релеванцијата на вештаците ИРЛ ја оценува пристрасно.

Настојувајќи да ги потврди своите наоди во прилог на основната теза дека компанијата „Брако“ модуларните болници ги гради „незаконски“ и „супстандардно“, во документарецот на ИРЛ се форсираат мислењата на едни вештаци, а целосно се занемаруваат наодите и мислењата на други.

Така, ИРЛ го дисквалификува вештачењето на Електротехничкиот факултет од Скопје за изведбата на електричната инсталација. За ИРЛ проф. д-р Влатко Стоилков и проф. д-р Владимир Димчев не се релевантни експерти.

За нив е важен и релевантен вештакот за електроинсталација Ирфан Шаќири. Нема ли значење тоа што човекот е вработен во тетовската фирма „Еколог“ како ИТ менаџер?

Нема ли значење тоа што вештакот за градење Неџат Бајрами, промовиран од ИРЛ како релевантен, е инженер вработен во Јавното претпријатие за државни патишта, каде што е сместена проектната единица која ќе го спроведува проектот со автопатот на „Бехтел и Енка“? Човекот е раководител на Одделението на надзор на патиштата и колку што ни е познато, нема никаква врска со градење објекти, ниту со противпожарна заштита.

ИРЛ го дисkфалификува и вештачењето на Рубин Бошковски, електроинженер вработен во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачење при МВР, кој како главен инспектор во отсекот за пожари, експлозии и експлозивни направи учествувал во увидот заедно со претставници на СВР Тетово и на Обвинителството на 9 септември 2021 година. Еве што изјавил Бошковски во судница: „Констатираните траги на приклучниот кабел од дефибрилаторот се одликуваат со променета боја на бакарните спроводници, сивкаста боја, која настанува при високи температури, како последица од претходно механичко оштетување на кабелот настанала електрична куса врска која предизвикува прегревање во бакарните спроводници и доведување до палење на изолацијата. Струјата на куса врска е неколкукратно повисока од номиналната и како најосетливо место е приклучната кутија од продолжителниот кабел“.

За ИРЛ е ирелевантно и сведочењето и професорката Анита Грозданова од Технолошко-металуршкиот факултет, која ги испитувала материјалите од кои е составена модуларната болница. Еве што изјави таа: „За сите материјали беа направени термички испитувања на времето и температурниот опсег на нивно разградувања. Испитувањата беа направени според стандардот во инертна средина и поради симулирање на условите во модуларната болница, во воздушна средина. Бидејќи во воздушна средина е присутен кислородот, а во инертна не е присутен. Испитувањата покажаа дека кај сите материјали кои што се предмет на моето вештачење, термичната стабилност и разградбата започнува за 10 до 15 степени порано во воздушна средина“.

Факт број 5: Во филмот на ИРЛ не се цитира целосниот заклучок  од извештајот на германските форензичари.

ИРЛ вчера конечно објави фотографии од целосниот извештај на германските форензичари кои беа повикани да вештачат по несреќата.

Во филмот „Убиството во Тетово“ не се презентира целосниот заклучок од извештајот, туку акцент се става на брзото ширење поради „несоодветните“ панели. „Германското вештачење како причини за брзото горење до темел се присуство на голема количина на кислород со полиуретанот од кој била изградена болницата, отсуството на противпожарни прегради кои би го спречиле брзото ширење на пожарот, како и отворената конструкција на градбата во поткровјето каде штетниот гас може непречено да се меша со кислородот и да се прошири за многу брзо време“,  тврди Елена Митревска Цуцковска во документарецот.

Но, сега читаме дека во точката 4, Заклучоци, дословно пишува вака: „Пожарот веројатно избувнал во собата 3, во подрачјето на креветот 1. Степенот на уништување е толку висок, што не можеше да се најдат јасни докази за тоа. Брзото ширење на пожарот е потпомогнато од високата концентрација на кислород во воздухот, условено од користење на уредите за реанимација и кислородните маски во оделот ковид-19. Понатаму ширењето на пожарот е потпомогнато од користењето разградливи производи како полиуретанската пена, пред се преку настанатиот јаглерод моноксид (СО). Ова може со кислород од воздухот да се претвори во јаглерод диоксид (СО2). На користената полиуретанска пена му е додадена еден Трис (полипропил) фосфат како средство за заштита од пламен. Но, ова го отежнува само запалувањето. Полиуретанската пена останува и натаму запалива“.

Сами проценете во која мера целосниот заклучок е различен од она што е презентирано како главна поента на извештајот во документарецот.

ПРОДОЛЖЕТЕ СО ЧИТАЊЕ ТУКА

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK