Пратеникот Скендер Реџепи кој беше дел од Алтернатива, а сега делува како независен пратеник, прв од пратениците доби збор на седницата за уставни измени за вметнување на Бугарите. Тој бараше да се избрише формулацијата „20 отсто“ од Уставот, при измените кои треба да се донесат следниот период. Реџепи кажа дека со вметнувањето на Бугарите ќе се отворат хоризонтите кон ЕУ, но во државата ќе има меѓуетнички тензии. Според него, Албанците не смеат да бидат заложници.
„Може да се случат и други барања, албански општини да бараат пат кон ЕУ, одделно од македонските општини. Но ова не би го посакувале, но реалноста е таа“, кажа Реџепи.
Побара одговорност од пратениците.
„Македонија денеска е пред голема раскрсница. Имаме пат каде можеме да патуваме заедно како народи како заедничко тело на државата и докажувајќи дека Македонија може да биде дел од ЕУ. Најдобриот пат за сите граѓани е тоа што ние треба да отвориме нови хоризонти кон ЕУ и да ги затвораме и етнички прашања. Како може да се случи тоа.. Со предлогот за измена, јас би предложил таму да бидат и Гораните, Торбешите и овој Устав да биде иницијатива за бришење на ’20 отсто’ бидејќи е срамно и 20 години живеат со срам од тоа. Ова ќе биде добро за сите граѓани“, кажа Реџепи.
Според него, вметнувањето на Бугарите во Уставот нема да ги реши историските прашања кои се отворени меѓу двете држави.
„Македонците не се тие кои ќе бидат навредени за нивниот идентитет со вметнување на Бугарите во Уставот, туку е услов за патот кон ЕУ. Проблемите помеѓу Македонците и Бугарите нема да се решат со промената на Уставот. Без разлика дали ќе ги ставиме, за нив Гоце Делчев останува Бугарин за нив, а за Македонците е Македонец. Ова не може ние да го решавме со пратеници туку со историчарите“, додаде Реџепи.
Тој во континуитет зборуваше за национализам и тензии. Потсети и на војната од 2001 година.
„Овде имаме етнички нерешени прашања. Ќе остане формулација ’20 отсто’ иако 30 пратеници потпишат таков предлог, нема подготвеност за таква измена. Ние ќе се согласиме за ставање на Бугарите во Уставот за да се отворат хоризонтите и тука ќе имаме стагнирање бидејќи Северна Македонија ќе има меѓуетнички тензии. Ова не е по вина на пратениците Албанци, туку пратениците Македонци кои имаат лажен патриотизам и повеќе мислат на парламентарните избори, отколку иднината на Македонија“, кажа пратеникот.