(Видео) „Кајмак“ на Милчо Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал

Kajmak-Sarajevo-2023-2.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Извонреден прием со преполно гледалиште, многу смеа и апалаузи имаше синоќа „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал.


„Со ‘Кајмак’ го омрсивме Сараево. Убаво е кога некој ви ја цени работата, трудот и уметноста“, изјави Манчевски кој во Сараево има третман на легенда на европската кинематографија.

Како гостин на Фестивалот, Манчевски доби и почесно место на вечерата со годинешните лауреати, шкотската режисерка Лин Ремзи и американскиот оскаровец сценаристот Чарли Кауфман.

„Кајмак“ овој месец продолжува со успешниот фестивалски живот, а на 23 август ќе биде и американската премиера на 33-то издание на Синеквест во Калифорнија, еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, специфичен по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. До крајот на август и почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири европски фестивали.

Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.

„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Иако македонски, филмот е со повеќе од 50% финансиран од странски државни фондови. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Филмот ја освои Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија.

„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.

Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Ијан Прајор.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK