Премиерот Димитар Ковачевски, без да каже име, обвини пратеник од Собранието дека бил дел од југословенска тајна разузнавачка служба и полиција УДБА, а кои не сака да ја види Македонија како дел од Европската Унија. Тој кажа дека само младите политичари можат да ја однесат државата кон прозападниот свет.
„Мене не ме зачудува кога ќе видам 80 годишни политичари во нашата држава и соседните, кои уште го застапуваат тој концепт да не се градат коридори и да има кавга меѓу државите. Зошто? Тие така ја изградиле кариерата. Ние се уште имате пратеник во Собранието кој доаѓа од редови на УДБА. Какви ставови сакате да има? Да ја види државата во ЕУ? Абе тој кариера изградил за државата да не биде во ЕУ и државата да биде скарана со сите соседи. И вие од него очекувате да ја носи државата во ЕУ? Тоа не може. Државата во ЕУ можат да ја однесат новите млади политичари кои виделе што сакаат новите генерации“, рече Ковачевски.
На прес-конференцијата зборуваше и за посетата на косовскиот премиер Албин Курти. Кажа дека тој и косовскиот премиер кој вчера најави изградба на пат од партиското седиште на ДУИ можат да се среќаваат со кого сакаат, но изградбата ќе ја прават двете Влади. По примерот на вицепремиерот Артан Груби, и премиерот Димитар Ковачевски кажа дека Курти бил злоупотребен од градоначалникот на Тетово, Билал Касами и на Чаир, Висар Ганиу.
„Овој пат е идеја од многу поодамна од посетата на премиерот Курти на општините Чаир и Тетово. Мислам дека човекот беше злоупотребен во дневно политички цели од овие двајца градоначалници кои сакаат да се етаблираат на политичката сцена. Откако се крена дискусија во државата, ги видовте изјавите, дека сите држави во Западен Балкан мора да соработуваат меѓу себе. Почнаа да зборуваат за големи држави овде. Овде има две држави дел од најголемиот сојуз НАТО. Архаичните концепти од времето на национал-романтизмот, за големи држави, се завршени на Балканот. Тоа го кажа и американскиот амбасадор во Косово. Тоа ќе ви го каже јасно и генералниот секретар на НАТО и друг политичар на таков ранг. Ние сме земја членка на НАТО“, додаде Ковачевски.
Претходно, посета на Македонија имаше Курти. Додека тој стоеше во Тетово позади него се вееше знаме на т.н. „голема Албанија“. Неговиот пречек во Тетово и Чаир беше без македонско знаме и македонска химна, спротивно на законот, за што има и прекршочни пријави. Вчера пак, во Македонија дојде косовски министер кој со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од партиското седиште во Мала Речица најавија изградба на патот кон Призрен.