Вечерва почнува 14-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој ќе се одржува до 24 август во Скопје под мотото #пресечи (#cutit).
Тематски фокус на фестивалот е монтажата на документарните филмови.
Фестивалот ќе се одржи на четири локации – Куршумли-ан, платото на Музеј на Македонија, Младински културен центар и Супи-ан, додека мастеркласовите ќе се одржат во Даутпашин амам.
Отворањето на фестивалот е вечерва во Куршумли-ан, во 20 часот. На филмската програма се проекциите на филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција), во 21 часот, и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија), во 21.15 часот.
Дејството во краткиот документарец „Над рудникот“ се одвива во Кируна, во северниот дел на Шведска. По низа чудни настани, градот е ставен во движење.
Долгометражниот документарен филм „Танцувајќи ја Пина“ е со приказна која ја слави уметноста на легендарната танчарка Пина Бауш и луѓето што денес ја толкуваат нејзината работа. Два од нејзините танцови проекти покажуваат како младите танчари од целиот свет повторно го откриваат нејзиниот уникатен кореографски стил. Тие се водени од поранешни членови на компанијата „Танцтеатар“ на Бауш.
По филмската програма концерт во Куршумли-ан ќе одржи локалната група „Искра“.