Етнокореолозите преку семинари ги едуцираат младите за локалната традиција

nosija_342423234243
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Многу е значајно младите да ја запознаат локалната традиција преку презентација на носијата, ората и песните, сметаат етнокореолозите, Дени Синадиновски и Бојан Петковски, кои двапати организираа семинари за традиционална музика и игра во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“.


Првиот семинар беше насловен „Од Средорек до Дурачка река“ и беа разработени етничките предели Жеглигово, Средорек, Западен и источниот дел на Славиште и Дурачка река и воспоставени разликите во однос на материјалната и духовната култура помеѓу овие етнички групи, чинители кои во минатото ги одделувале еден од друг. Вториот беше насловен „Шопци и которци“ и се презентираа игри и песни од пределот на Кумановско кон Светиниколско и Штипско, односно од некогашниот предел, Жеглигово кон пределот Овчеполе. Двајцата велат дека се свесни за тековните трендови, глобализацијата потребата од осознавање на огромниот број на информации поврзани со традиционалната култура.

– Пред две години се појави нашето ново идеолошко гледање „само преку спознавање на локалното може да стигнеме до поголеми знаења“. Оттука „преку спознавање на локалното до глобални знаења“ стана главна премиса во нашето научно и уметничко делување. Така беше креиран и првиот јавен настан преку кој го афирмиравме овој став. Првата условно речено, локалната традиција, која сакавме да ја доближиме токму до директните наследници беше традиционалната култура кон крајот на XIX па се до средината на XX век која се случувала во „Жеглигово“, некогашното именување на селата во околината на градот Куманово. Во 2022 година во соработка со НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово се организираше семинар за традиционална музика и игра насловен „Од Средорек до Дурачка Река“. Центарот за култура за прв пат организираше ваков вид на едукативен настан, велат Синадиновски и Петковски.

Нивната презентација тргнува од градот Куманово и хоризонтално се движи кон Крива Паланка. Двајцата симболично објаснуваат дека доколку Куманово е точката „А“, а Крива Паланка е точката „Б“, може да се забележи идентично население кое припаѓа на иста националност и говори ист јазик.

– Тогаш кој е конфликтот кој во минатото создава дерминација на „различни“? Имено различната материјална и духовна култура била значајна бариера во минатото. Водејќи се и од современ аспект, дека при првата средба на луѓето, приматот го зема визуелниот сегмент, тој бил главен маркер за детерминирање на „различни“ и во минатото, велат етнокореолозите.

Селата во околината на градот Куманово во традицијата се препознаени како села во Жеглигово. Етничкиот предел Жеглигово почнува во близина на градот Скопје источно се надоврзува соседниот етнички предел Средорек. Распослан во горниот тек на Крива Река кон Средорек се надоврзува етничкиот предел Славиште, пространа рамнина.

Следејќи ги од научен аспкет, објаснуваат двајцата, етничките предели Жеглигово, Средорек и Славиште може да ги детерминираме маркирајќи различни нивни карактеристики. Од етнолошки аспект, пред сè следејќи ја традиционалната носија овие етнички предели припаѓаат на горновардарската етнографска целина, објаснуваат двајцата. Тие додаваат дека во минатото традиционалната носија во трите предели била идентична. Впечатлив е фактот на задржување на еден тип носија на голем простор. Од етнокореолошки аспкет, односно пред орскиот репертоар етничките предели Жеглигово, Средорек и Славиште припаѓаат на источното играорно подрачје. На крајниот дел на Славиште, селата Кркља, Жидилово, Трново, Дубровница, Мала и Голема Црцорија и Киселица формирале засебна духовна и материјална култура. Во однос на етнокороелошкиот сегмент се приклучуваат кон источното играорно подрачје.

– Во оваа насока се мисли на голема сличност во однос на играорниот репертоар како и на самите стилски карактеристики. Главната разлика е во однос на етнолошките карактеристики, каде етничкиот предел источен дел на Славиште се детерминира кон шопска брегалничката етнографска целина, велат етнокореолозите.

Следниот етнички предел кој припаѓа на шопската брегалничката етнографска целина е етничкиот предел Дурачка Река. Тој е мал етнички предел, со села од раштркан тип распространет на Осоговските Планини и го сочинуваат селата Б’з, Дренак, Станци и Дурачка Река.

– Во продолжение ќе се даде светло кон идејата за обединување на досега анализираните етнички предели во заеднички концепт наменет за семинар за традиционална музика и игра. Значајно е да се спомене дека етничките предели Жеглигово, Средорек, Славиште, источен дел на Славиште и Дурачка Река припаѓаат на источното играорно подрачје. Во таа насока пред сè мисли на идентични стилски карактеристики, но и во голема мера сличен играорен репертоар. Разликите се генерално во поглед на традиционалната носија каде Жеглигово, Средорек и Славиште припаѓаат на горновардарската етнографска целина, додека пак источен дел на Славиште и Дурачка Река припаѓаат на шопскиот тип на носии. Изворната идеја за обединување на овие етнички предели доаѓа од исказот на Ана Величковска од село Дурачка Река „На Јаким доаѓаа и белојаски“, велат Петковски и Синадиновски.

Лоциран на Осоговските Планини на само три километри од градот Крива Паланка се наоѓа манастирот Свети Јоаким Осоговски. Денешниот манастирски комплекс го сочинуваат две манастирски цркви, помалата со остатоци од XIV век, и големата од XIX век. Едно од најзначајните чествувања на манастирот Јоаким Осоговски е верскиот празник посветен на Света Богородица, кој се прославува на 28 Август. Значајноста на овој празник, како што велат, може да се види континуирано и до денешен ден. Во минатото кога движењата на луѓето надвор од затворените селски средини било сведено на минимум, големите црковни празници биле главна прилика за нивно собирање и надвор од селските средини. Таков пример е големиот собор кој се правел во манастирот Јоаким Осоговски токму за празникот на Света Богородица. Овој собор е еден од ретките во земјава кој следено од современ аспект претставува своевиден конгломерат. На соборот присуствувало население од селата од етничкиот предел Дурачка Река и Источен дел на Славиште, но и од селата од западниот дел на Славиште и Средорек.

– Во суштина овој собор бил ретка прилика за собирање на белосајките и црноџупките на едно место, односно мешање на население со различна материјална и духовна култура на едно место. Ова е дотолку раритет доколку се земе предвид фактот дека различната носија пред сè била пресудна за не склучување на бракови, дури и одредена форма на анимозитет меѓу различните етнички групи. Ваквиот тип на собори кои се вистински конгломерат треба да бидат дел од поопсежни истражувања, појаснуваат етнокореолозите.

Говорејќи за вториот семинар, тие нагласуваат дека пред фолклорните друштва, поединци ја разработиле отсечката од Куманово кон Штип и Свети Николе. – Беа разработени етнонимите, односно егзонимите „шопи“ и „которци“ кои се среќаваат на овој дел, додаваат двајцата. Тие напоменуваат дека нивниот фокус и наредните години ќе остане на научно и практично осознавање на локалната традиција, традицијата на нашите предци.

Александра Максимовска

Фото: ФБ Синадиновски и Петковски 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK