Во вооружениот конфликт што избувна кога израелските војници денеска влегоа во бегалски камп на северот на окупираниот Западен Брег, загина еден Палестинец, објавија здравствените работници.
Рацијата во бегалскиот камп Тулкарм е најновата смртоносна израелска воена операција во повеќемесечната ескалација на насилството што ги зголеми тензиите во регионот, ја покажа слабоста на палестинската управа и влијаеше на порастот на непријателствата на немирната територија.
Израелската армија соопшти дека Палестинците фрлале експлозивни направи и петарди врз војниците, кои возвратиле со оган.
Вооружени Палестинци, исто така, блокираа патишта, пукаа и запалија автомобилски гуми во тесните улички на кампот, се додава во соопштение од израелската војска.
Екстремистичката група „Лавовска дупка“, која се појави во градот Наблус минатата година, а е активна и во Тулкарм, потврди дека еден нејзин член е убиен.
Израелско-палестинскиот конфликт на Западниот Брег достигна ниво кое не е забележано во последните две децении.