Во рамки на мерките и активностите на оперативниот план „Безбедно лето 2023“, во посета на СВР Велес денеска беше директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Сашо Тасевски, заедно со стратешката група при БЈБ. Како што информираат од МВР, на средбата стратешката група била информирана за безбедносната состојба на подрачјето на СВР Велес.
Тие потенцираат дека безбедносната состојба на подрачјето на СВР Велес е поволна и на задоволително ниво, како и состојбите со криминалитетот. Вкупната ефикасност на СВР Велес, информираат, е 57,9 проценти.
Раководниот тим на СВР Велес информира дека во текот на првото полугодие од 2023 година на целото подрачје на СВР Велес криминалитетот бележи намалување за 6,7 проценти, исто како и на делата од класичниот криминал, особено кај тешките кражби, каде што е евидентирано намалување за 41,1 процент во споредба со 2022 година.
Воедно, во првите шест месеци од оваа година овој Сектор за внатрешни работи може да се пофали и со зголемување на откривачката функција во справувањето со „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ за 33 проценти, компаративно со истиот период лани.
Од СВР Велес на средбата истакнале дека позитивни трендови се евидентирани и во сообраќајот, особено имајќи предвид дека во изминатите шест месеци од годинава на велешкиот простор се намалени и бројките на лица кои се здобиле со тешки или телесни повреди.
Според раководството на СВР Велес, ова во прв ред е резултат на бројните превентивни и контролни активности преземени во периодот за кој станува збор, од типот на редовни, акциски и други контроли.
Тие потенцираат дека истите ефектуираат со конкретни позитивни поместувања, а што претставува обврска повеќе и во наредните месеци да се продолжи со несмалено темпо и интензитет.
СВР Велес за шест месеци до крајот на јуни реализираше и пет превентивно-едукативни проекти, 10 превентивни кампањи или вкупно 480 превентивни активности, чиј иницијатор и носител беше Отсекот за превенција, во соработка со локалните самоуправи од подрачјето, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Центарот за социјални работи, подружниците на Национални шуми, ОБСЕ и невладиниот сектор на подрачјето на СВР Велес.
Тие информираа дека со превентивните активности во најголем број беа опфатени ученици од основните и средните училишта на велешко-тиквешкиот регион, како и детски градинки, а свое место во нив имаа и советодавните групи на граѓани во урбаните и руралните средини.
Во рамки на оперативниот план „Безбедно лето 2023“ и во текот на јули се продолжи со ваквите активности при што беше активиран проектот на МВР „Соседска патрола“ за меѓуинституционална соработка, во кој беа опфатени Општина Велес, Општина Неготино и Општина Кавадарци, како и Центрите за социјални работи и Советите на родители.
Притоа беа посетени и сопственици на угостителски објекти каде се одржуваат свадби, прослави и семејни веселби, а во врска со неовластено пукање од огнено оружје, употреба на пиротехнички средства или експлозивен и лесно запалив материјал, како и за неовластено точење на алкохол на малолетни лица и за законската обврска од навремено пријавување во полиција на било какви нарушувања на јавниот ред и мир.