– Сирискиот претседател Башар Асад најави дека нема да се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Турскиот претседател бара нормализација на односите со Дамаск по долгогодишни тензии, но по негови услови, пренесува „Скај њуз Арабија“.
„Состанокот не може да се одржи под условите на Ердоган“, рече Асад во интервју за „Скај њуз Арабија“.
Асад во март, еден ден по средбата со рускиот претседател Владимир Путин, кој се обидува да ги поправи врските меѓу Ердоган и Асад, кои беа прекинати по почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, рече дека ќе се сретне со Ердоган само доколку Турција ги повлече своите трупи од северна Сирија.
„Секој состанок е поврзан со нашето достигнување до точка кога Турција е подготвена целосно и без никаква неизвесност да ги повлече своите војници од сириска територија“, изјави Асад за руска државна новинска агенција.
„Тоа е единствениот начин на кој може да се одржи мој состанок со Ердоган“, рече Асад.
Сепак, во изјава минатиот месец, Ердоган ја отфрли можноста за повлекување на турските трупи од северна Сирија, велејќи дека војниците се борат против тероризмот во областа.
„За жал, Асад сака Турција да излезе од северна Сирија. Тоа е невозможно, бидејќи таму се бориме против тероризмот“, рече Ердоган.