Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска ги посетија припадниците на Армијата кои се подготвуваат да заминат во Словенија како поддршка на словенечките сили во справувањето со последиците по големите поплави кои ја зафатија оваа сојузничка земја.
При посетата во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец , министерката Петровска им се обрати на припадниците на Армијата.
-Словенија е еден од нашите најблиски сојузници и тие денеска имаат потреба од вас, вашата посветеност , вашата професионалност. Со вашата подготвеност да заминете веднаш покажувате дека сте вистински зштитник не само на македонските граѓани, туку и на граѓаните на сите сојузнички држави. Ви благодарам што како и многупати досега и овојпат го прифаќате предизвикот тргнувате мотивирани и волни да му помогнете на словенечкиот народ. Северна Македонија и Словенија се пријателски држави и во тоа име правиме се што е во наша моќ да помогнеме. Мило ми е што после вчерашното барање одма одговоривме позитивно. Дајте се од себе исто како што и нашите пријатели од Словенија ни помогнаа за време на пожарите. Пожртвувано и силно помогнете на секој словенечки граѓанин, порача министерката.
Началникот на Генерал-штабот, Васко Ѓурчиновски информира дека во касарната пристигнале за да извршат увид во нивната подготвеност за претстојната хуманитарна мисија, која ќе почне да се реализира во, како што напомена, наредните 24 часа.
-Словенија е наш искрен поддржувач и долгорочен пријател од самите почетоци на нашата независност до денес, многупати досега ја покажаа големата хуманост, пожртвуваност и пријателство кон нас. Ние имаме историска обврска и можност на соодветен начин во овој момент да возвратиме на пријателскиот и словенечки народ, рече Ѓурчиновски.
Претходно министерката информира дека на владина седница ќе биде донесе одлука за упатување на сто војници од различен состав во Словенија, кои ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и на словенечката држава.