Д-р Даниловски: Јавна тајна е дека бараат пари од пациенти коишто се закажани за интервенција во регуларни термини во државно здравство

danilovski_23423432
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 

„Тоа што е дадена можност на определени категории доктори да имаат дополнителна дејност е направено за да се помогне на пациентите, но да се помогне и на докторите кои размислуваат да заминат во приватното здравство или во странство, за да остварат дополнителен приход во рамки на државното здравство кај што се вработени. Но кај нас контрола нема и не е тајна дека не е проблем само наведувањето на пациентите да се оперираат приватно во државната установа, туку јавна тајна е дека бараат пари од пациенти коишто се закажани за интервенција во регуларни термини во државно здравство“, вели д-р Драган Даниловски во интервју за Канал 5 во однос на операциите кои пациентите се принудени да ги направат наместо во државното, во приватно здравство.


 

Можноста докторите во државното здравство да извршуваат и приватни интервенции вон работно време, е законски дозволена и за тоа има во Законот за здравствена заштита, член 222 и условите под коишто дополнителната дејност се регулирани и може да се остваруваат. Тие се дадени во член 223. Според овој член, дополнителна дејност може да обавува само специјалист којшто има минимум две години искуство, има критериуми да биде успешен во работата што се евалуира преку одредени критериуми и од друга страна, не смее повеќе од 10 интервенции да има во тек на еден месец.

 

„Тука постои нешто што се вика контрола не само на оваа содржина од законот туку и на други, како околу евиденцијата на закажани термини, мора да постои овластено лице од страна на министерството за здравство, да се прават записници, да се прават вонредни и редовни контроли и тоа е законска обврска. Ако тоа не се спроведува тогаш се крши законот од тие кои треба да го спроведуваат, во случајот министерството. Ако не постои контрола, тогаш доаѓа во прашање исполнувањето на други содржини од законот, конкретно и дополнителната дејност. Тука можеме да претпоставиме дека можни се и злоупотреби ако нема контрола, можни се секакви други прекршоци на дејноста па дури и на лекарската етика ако нема контрола. И тоа не треба да нѐ изненадува бидејќи општеството претставува затворен систем на врзани садови и промените негови во еден сегмент не може да не се одрази во сите други сегменти па и во здравствениот. Е сега бидејќи се наоѓаме во би рекол криза на системот на вредности во општеството, мислам дека тоа дефинитивно има одраз и во здравствениот систем. Но секое зло за добро, па знаеме дека во криза се покажуваат и вистинските лица, паѓаат маските“, вели д-р Даниловски во интервјуто за Канал 5.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK