Редовно сервисирање и одржување на возилата може да спречи опожарување

pozarnikar
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Територијалната противпожарна единица Куманово интервенирала на вкупно 14 пожари на патнички моторни возила и еден на товарно моторно возило, соопштија денеска надлежните. Командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски, вели дека оваа бројка е во рамки на просекот од претходните години.

– Важно е да се одржуваат возилата. Се случува да избувне пожар од инсталација. Наш совет е да нè повикаат и да го гасиме пожарот. Оние кои се повешти можат првично да пресечат кабли на акумулатор и пожарот полесно да се изгаси. Сепак, е важно веднаш да повикаат противпожарна единица, вели командирот Илиевски.


Тој додава дека е пожелно да се поседува и противпожарен апарат. Како што нагласува добро е апаратите да се сервисирани.

– Оние кои имаат можат да го употребат и оние помалите можат да завршат работа. И многу е важно при пожар на автомобили да делуваат и оние кои имаат противпожарни возила,  тоа е пред сè човечки, хумано, изјави Илиевски.

Пензионираниот професор по безбедност во сообраќајот, Стоимко Златковски, од Техничкиот факултет Битола, вели дека важно редовното сервисирање и одржување на автомобилите.

– Самозапалувањето на возилата се должи на недоволното сервисирање и одржување на возилата. Многу е важно редовното одржување и сервисирање. Често возачите се неупатени и не треба да дозволат нешто да капе. Треба да се внимава при нагорнини, при стрмни места каде може да дојде до загревање на моторот, вели Златковски.

Тој не смета дека оставањето на автомобилот на топлото сонце може да предизвика пожар и самозапалување. Но, додава дека особено внимание треба да посветат возачите кои управуваат автомобили со плин.

– Оставањето на возилата на отворено, незаштитено не може којзнае колку да предизвика штета, зашто возилото е во мирување, нема создавање на дополнителна температура во моторот. Повнимателни треба да бидат возачите на возила со плински уреди, но само ако уредот пропушта плин, тогаш може да дојде до самозапалување. Такво нешто воопшто не е пракса ако уредот е произведен во сертифицирани установи, вели Златковски.

Последно опожарување на возило во Куманово беше евидентирано на 2 август, годинава.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK