Литванија денеска прогласи повеќе од илјада граѓани на Русија и на Белорусија кои живеат во таа земја за закана по државната безбедност и им ги укина дозволите за постојан престој поради нивните ставови за руската инвазија врз Украина.
Владата прво спроведе анкета и побара од Русите и Белорусите да одговорат на прашалникот кој вклучуваше прашања за нивните ставови за руската инвазија врз Украина и статусот на Крим, што беше анектиран од Русија во 2014 година.
Дирекцијата за миграција денеска соопшти дека утврдила дека 910 државјани на Белорусија и 254 државјани на Русија кои живеат во Литванија претставуваат закана за државната безбедност.
При одлучувањето за одземање на престојот, Управата се водела и од тоа како граѓаните одговарале на анкетниот лист.
Според Управата за миграција, повеќе од 58.000 белоруски државјани и 16.000 руски државјани живеат во Литванија. Од нив се бара да ги обновуваат дозволите за престој на секои три години.
Оние на кои им е одземена дозволата можат да се жалат до судот, а оние кои нема да поднесат жалба ќе имаат рок до еден месец да ја напуштат Литванија.
Во Литванија, пет проценти од населението е од руска националност и од нив не било побарано да го пополнат прашалникот.