Пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф предложи распуштање на Парламентот на 9 август, три дена пред истекот на неговиот мандат, со што се отвора патот за одржување редовни парламентарни избори до ноември.
Петгодишниот мандат на сегашниот парламент истекува на 12 август. Распуштањето на Парламентот три дена порано ќе им даде на Шариф и неговите поддржувачи повеќе време да се подготват за очекуваната жестока изборна битка со партијата на соборениот поранешен премиер Имран Кан.
Ако редовната Влада се повлече предвреме, преодниот кабинет има 90 дена да распише парламентарни избори, а 60 дена ако Владата се повлече истовремено со завршувањето на мандатот на Парламентот.
Коалицијата на Шариф дојде на власт откако поранешната крикет ѕвезда Имран Кан беше соборена со гласање недоверба како премиер во април 2022 година. Оттогаш, тој води кампања за предвремени избори и организира протести кои доведоа до сериозно насилство на 9 мај годинава, што ја зголеми тензијата помеѓу опозицијата и влијателната војска. Кан ја обвинува армијата за заговор против него.
Војската, која владее со Пакистан повеќе од половина од историјата на земјата, ги негира наводите на поранешниот премиер.
Политичката криза во Пакистан пропратена е и со економска криза. Минатиот месец, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри програма за спас во висина од три милијарди долари за Пакистан за да и помогне на земјата да се справи со акутниот дефицит на платниот биланс и огромниот недостиг на резерви на централната банка.