Украинската служба за безбедност (СБУ) извршила специјална операција во рускиот залив Новоросијск и со поморски дрон го оштетила големиот десантен брод „Оленегорски Горнијак“, за „Украинска правда“ потврдил извор од Службата.
-Видеото покажува површински чамец дрон на СБУ натоварен со 450 килограми ТНТ како напаѓа непријателски брод со околу 100 членови на екипажот, рече безбедносниот извор.
Извори од СБУ нагласија дека специјалната операција била изведена заедно со украинската морнарица. Како резултат на нападот, рускиот брод сега има голема дупка во трупот и моментално не може да ги извршува своите борбени задачи.
-Затоа, сите изјави на Русите за таканаречениот одбиен напад се лажни, нагласува изворот.
Украинските разузнавачи истакнуваат дека ова не е прва успешна специјална операција на СБУ во која учествуваат поморски беспилотни чамци.
Претходно, Васил Малиук, шеф на Службата за безбедност на Украина, потврди дека СБУ стои зад нападот на руските бродови во заливот Севастопол во октомври 2022 година и неодамнешниот напад на мостот на Крим.
Рано утринава Русија соопшти дека одбила напади на украинските поморски и воздушни беспилотни летала врз нејзината поморска база во Новоросијск, на Црното Море, и на анектираниот полуостров Крим.
„Синоќа украинските вооружени сили со помош на два чамца без екипаж се обидоа да ја нападнат поморската база Новоросијск. Дроновите беа откриени и уништени со редовна стрелба од руските бродови што ја штитат поморската база“, наведе утринава руското Министерство за одбрана.