Леклер вечерва на „Охридско лето“
Охрид, 3 август 2023 (МИА) – Програмата на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со содржина од музичкиот дел, овојпат со концертот на пијано-дуото Дезомбре – Леклер во рамки на Француската вечер.
Родена во Париз, Ан Дезомбре започнува да свири пијано во родната Франција, а се усовршува во Монтреал, Канада, каде студира пијано, пијано-придружба и француска литература. Настапува на фестивалот „Карипски ноќи“ во Гвадалупе, на фестивалот во Нанси, на фестивалот „Ноќи во замокот Бринвил“, во аудиториумот на Винсен, на отворањето на Месецот на франкофонијата во Хавана и во Амбасадата на Белгија во Куба.
Нејзина специјалност е вокалната пијано придружба, а настапува и во дуо со Уго Леклер. Дезомбре е посветена и на педагогијата и е носител на Државна диплома за педагошка работа по пијано со деца.
Леклер учел пијано со Катрин Колард пред да започне да студира на Парискиот конзерваториум каде се здобива со дипломи по пијано, музичка анализа и камерна музика. Солистичката кариера го носи во 43 земји во светот низ кои настапува со оркестри како „Камерата“ при Берлинската филхармонија, Оркестарот на Чешкото радио, Националниот оркестар на Тајланд, солистите на Парискиот оркестар, квартетот „Талих“ и гудачкиот квинтет на Берлинската филхармонија.
Тој е член на Здружението на автори во Франција и како дел од него продуцира повеќе проекти кои за своја инспирација имаат историски настани како на пример: егзилот на Наполеон на островот Света Елена или Големата војна во кои соработува со актерот Франсис Устер, или пак Бахманија, Бетовенманија и Дебисиманија за две пијана заедно со Жан-Франсоа Цигел.
Леклер е професор по пијано на Градскиот конзерваториум во Париз, а истовремено е и уметнички раководител на Фестивалот за класична музика „Нансифонија“ во градот Нанси, како и на меѓународните академии во Париз.
На прогрмата на концертот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот се дела на Форе, Дебиси, Равел, Леклер, Пуланк.