Дескоски: Придавката “МАКЕДОНСКА” за државата и нејзините институции е забранета за сите во државата!

toni deskoski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

ПРИДАВКАТА „МАКЕДОНСКА“ ЗА ДРЖАВАТА И НЕЈЗИНИТЕ ИНСТИТУЦИИ Е ЗАБРАНЕТА ЗА СИТЕ ВО ДРЖАВАВА!
– Во периодот по склучувањето на Договорот од Преспа и усвојувањето на Уставните измени од 2019 година укажував на последиците од склучениот договор. Последици кои се непријатни и скоро невозможни за прифаќање за поголемиот дел од Македонците, но последици кои се неминовни.
Една од тие последици за кои многупати сум пишувал е прифатената од наша страна забрана за употреба да придавката „македонска/македонски“ за државата, нејзините службени органи и други јавни институции.
Таквата последица произлегува од членот 1, став 3 точка ѓ) од Преспа кој пропишува:

„ѓ) Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со членот 7, став (3) и (4). Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со членот 7, став (3) и (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според членот 1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа Спогодба.„ (подвлекувањето е додадено)


– Оваа одредба и нејзините последици се резултат на целта на Преспа: суштинско преименување на нашата држава од „Македонија“ во „Северна Македонија“. Преименување со наша согласност, ама и со согласност на Грција. Или поинаку кажано, ние спрема Грција располагавме со нашето право за себеименување и со тоа ги прифативме договорените ограничувања. За реализација на таа цел, Грчката страна се погрижила за регулирање на сите поединости, за да избегне било каква можност нашата држава во иднина да може да се нарекува себеси „Македонија“ или „Македонска“. Неколку одредби од Преспа се клучни во тој правец.
Првата одредба е онаа во членот 1, став 3, точка а) кој ги регулира полното име „Република Северна Македонија“, но и скратеното име „Северна Македонија“. Значи, опциите се само две: или едното или другото, трето нема. Државите кои не располагале со своето право на себеименување имаат неограничен број на опции. Ние, откако располагавме со сопственото право на себеименување, имаме само две опци: полното име „Република Северна Македонија“, или скратеното име „Северна Македонија“.

Втората одредба е погоре цитираниот член 1 став 3 точка ѓ) со кој се регулира која придавка ќе користиме „во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции“. И овде се изречно пропишани две опции: „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Трета нема. Обврзани со оваа одредба се Грција и нејзините државјани и нашата држава и нејзините државјани, затоа што Преспа е ратификувана во двете држави. Неспорно е дека одредбата е императивна/когентна и со тоа имплицитно (премолчно) забранува секоја друга придавка во „во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции“. Реално е дека ваквата одредба од Преспа е насочена првенствено кон спречување на можноста за нашата држава да се користи придавката „Северномакедонска“, која што според правописот на Македонскиот јазик се изведува од новото име на државата. Но, таа е истовремено насочена и кон исклучување на користењето на придавката „Македонска“ во однос на државата и нејзините институции. Нашата држава имаше право да се согласи со таквото ограничување и сега тоа е во сила.

Третата одредба е член 1 став 3 точка г) која определува дека термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во членот 7 од оваа Спогодба. Неспорно е дека во членот 7 не е предвидена можност за користење на придавката „македонски/македонска“во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции.

– За Договорот од Преспа, нашето МНР има изготвено Упатство за медиумите, од 22 февруари 2019 година (https://mfa.gov.mk/…/prespa-agreement-media-guidelines). Во Упатството се дадени практични примери за примената на одредбите од Преспа. Наведено е дека:

„Придавката „македонски/o/a” да се употребува кога е поврзано со етнички и културен идентитет за народот, нашиот јазик, историја, култура, наследство, територија и останати особености.“
Наведено е и дека:

„Придавната форма за државата, нејзините официјални органи и другите јавни институции како и приватните ентитети и актери што се поврзани со државата, воспоставени со закон, и уживаат финансиска поддршка од државата за активности во странство, треба да биде: „на Република Северна Македонија” или „ Северна Македонија”.“

Стипулирани се и НЕПРАВИЛНИ ПРИМЕРИ за придавната форма за државата, нејзините официјални органи и другите јавни институции:
„Неправилни примери: Други придавки, вклучително и „Северно македонски”, „Македонски”, „С. Македонски” и „СеверноМакедонски”, не треба да се употребуваат во овие случаи.“
Значи, и Упатството на МНР изречно наведува дека за државата, нејзините официјални органи и другите јавни институции, „МАКЕДНСКИ“ е недозволена придавна форма.

Дополнително Уставниот закон за спроведување на Уставните амандмани од 2019 година изречно предвидува во членот 2 став 3 предвидува:

„Од денот на влегувањето во сила на Амандманот XXXIII, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на други употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.
Значи, и по сила на Уставен закон, по преименувањето на државата во Северна Македонија, нам ни останува можноста за користење на (само) две придавки во однос на државата, државните органи и јавни институции: првата „на Република Северна Македонија“ или втората „на Северна Македонија“. Трета придавка нема, што значи не е дозволена.
Добро е што ни Преспа, а ни Уставниот закон не предвидуваат санкции за прекршување на одредбата за дозволените придавки во однос на државата, државните органи и јавни институции.
Инаку, од денешниот текст на г-н Бранко Геровски кој го прикачувам кон овој пост, би можело да се сфати дека јас сум тврдел дека од новото име на државата можела да се изведе именката „Северномакедонец“. За да нема забуни, јас такво нешто никогаш не сум тврдел. Не тврди ни г-н Геровски, но спорејќи ги моите аргументи, расправа и за ова прашање, иако јас со него не сум се бавел.
Сосема на крајот, сум постирал на Фејсбук бројни примери од Медиумите кои ги уредува или ги уредувал г-н Героски. Написи за „јужнокорејски министер“, „севернокорејски лидер“ и т.н. Оттука, несоодветно е денес некој да не убедува дека тоа не е така, или дека би било добро таа практика да заврши.
Значи, неспорно е дека придавката „Македонска“ во однос на нашата држава и нејзините институции е забранета со Преспа и со Уставниот закон од 2019 година. Ни се допаѓало тоа нам или не. Сепак имало прописи што ја забрануваат (имплицитно) придавката “Македонска” за државава и нејзините институции!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK