Во централното предворје на Националниот историски музеј денеска свечено беше отворена изложбата „Македонија во европската етничка картографија (средината на 19 век – Балканските војни 1912-1913)“, информираат од НИМ.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
На настанот присуствуваа заменик директорот на Националниот историски музеј проф. Иван Христов, проф. Оља Харизанова – главен координатор на Центарот за врвни постигнувања „Херитиџ.БГ“ при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и д-р Стефан Пејков – основач и претседател на Меѓународниот трговски и културен центар Геопан, ко-основач на Бугарското картографско здружение. Тематската изложба е заеднички проект на Центарот за врвни постигнувања „Херитиџ.БГ“ и Геопан – Бургас, еден од активните членови на бугарската картографска заедница (БКА), соопштија организаторите на настанот.
НИМ прецизира дека истражувачкиот проект е посветен на 120-годишнината од Илинденско-Преображенското востание и 180-годишнината од печатењето во Стразбур во 1843 година на првата карта на бугарски јазик, која ја опфаќа целата бугарска етничка територија.
По Софија, изложбата ќе биде прикажана и во Бургас и Пловдив, збогатена со репрезентативен каталог на бугарски и англиски јазик.