Пучистите во Нигер, кои ја презедоа земјата со државниот удар изведен минатата недела, приведоа најмалку 180 членови на претходно демократски избраната влада, соопшти досегашната владеачка партија, пренесе ДПА.
-Министерот за енергија Махамане Сани Махамаду, министерот за рудници Усеини Хадизату и претседателот на Нигериската партија за демократија и социјализам (ПНДС), Фумакоје Гадо, се меѓу приведените, изјави портпаролот на ПНДС, Хамид Н’Гаде.
Министерот за внатрешни работи Хама Адаму Сули, министерот за транспорт Оумару Малам Алма и неговиот заменик Кала Мутари, исто така, беа приведени од пучистите, додаде тој.
-Навредливите апсења се доказ за репресивното, диктаторско и незаконско однесување на војската, рече Н’Гаде.
Офицерите од елитната единица на генералот Омар Тчиани во средата му ја одзедоа власта на демократски избраниот претседател на Нигер, Мохамед Базум, од партијата ПНДС.
Тчиани во петокот се назначи за нов претседател. Набргу потоа пучистите го суспендираа уставот на западноафриканската земја и ги распуштија сите уставни институции.
Пучот беше меѓународно осуден. Западноафриканската заедница на држави ЕКОВАС (ECOWAS) во неделата им постави ултиматум на пучистите. Доколку Базум не биде ослободен и вратен на функцијата во рок од една недела, ЕКОВАС ќе преземе мерки кои би можеле да вклучат употреба на сила, беше наведено во нивното соопштение.
Воените влади на соседните земји Буркина Фасо и Мали вчера ја предупредија ЕКОВАС да не интервенира.
-Секоја воена интервенција против Нигер би била еднаква на објава на војна против Буркина Фасо и Мали, се наведува во заедничката изјава на двете преодни влади, пренесе ДПА.
Воената интервенција може да има катастрофални последици кои би можеле да го дестабилизираат целиот регион, наведоа тие. Буркина Фасо и Мали се членки на ЕКОВАС.
Првиот човек на европската дипломатија, Жозеп Борел, вчера изјави дека Европската унија ги поддржува мерките на ЕКОВАС.
-Базум останува единствен шеф на државата и која било друга власт не може да биде признаена, рече Борел.
До пучот, Нигер, поранешна француска колонија, се сметаше за сидро на демократијата во регионот Сахел, кој беше опустошен од исламистичкиот тероризам, потсетува германската агенција.