Градоначалниците на Берово, Пехчево и Делчево се на ниво на своите задачи во однос на спарување со пожари, додека Кавадарци може да биде пример за другите градоначалници во однос на ова прашање, но многу општини работат спротивно на тоа и има и злоупотреби, како што се Кичево и Куманово, а повеќето општини не го користат ниту буџетот за заштита и спасување за истата намена, истакна директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на тема пожари и подготвеност, како и за противпожарните авиони „ер трактор“.
– Можам да упатам исклучително пофални зборови кон одредени градоначалници од источна Македонија, како што се Берово, Пехчево, Делчево итн. Навистина тие градоначалници се на ниво на своите задачи во однос на справување, но и подготовка за идната сезона, ситакна директорот Максути.
Тој рече дека затоа и минатата година имало многу помалку пожари од претходната година, затоа што се одело многу поагресивно, поорганизирано и со многу поголема координација.
– Има и општини каде што градоначалниците не сакаат ниту да се помрднат, кои заштитата и спасувањето ги сметаат како нешто последно. Тоа е навистина загрижувачко и спротивно на закон. Ние имаме општини каде што се купени камиони за шумски пожари, но тие стојат паркирани со многу мала километража затоа што имаат дефекти. Одржувањето на камионите не е задача ниту на директорот на ЦУК ниту на ДЗС, тоа е задача пред се на градоначалниците, изјави Максути.
Тој рече дека многу камиони кои се набавени со високи суми од 2013 година само малку се исправни и истакна дека се работи за повеќе општини.
На прашањето кои општини го злоупотребуваат ова, односно постапуваат спротивно на примерот на општините Берово, Пехчево и Делчево, тој рече дека има доста такви општини, а ги одвои Кичево и Куманово и рече дека има одреден број на општини коишто не се на ниво на нивните задачи.
– Можеме да кажеме дека Кавадарци е општина за пример во однос на ова прашање. Јас би сакал да упатам апел до сите градоначалници да ја земат како пример оваа општина, кажа директорот на ДЗС.
Додаде дека секој ако си ја врши својата надлежност согласно законите ние би имале многу помалку пожари, многу помалку последици и би потрошиле многу помалку ресурси.
– При регистрација на секое возило во една општина, две евра се од на наменски буџет на општината за заштита и спасување, односно за пожарникарите. Ниту евро од тие, досега, ниту една општина ги нема потрошено за тоа. Кажав исклучок на општини коишто вложиле и дополнителни средства, имаат направено дури и пожарникарски станици во многу добри услови, имаме општини каде што има дури и поголем број на пожарникари од тоа што е потребно, рече тој.
Нагласи дека од досегашната пракса може да се согледа дека градоначалниците пред било што да потрошат од своите ресурси, било каква друга помош да побараат од другите соседни општини, бара директно вклучување на авион, односно хеликоптер дали преку ЦУК, МВР или ДЗС.
-Треба да се каже дека во однос на Законот, прв којшто треба да дејствува на терен, во зависност од тоа каде се појавил пожарот, се просторните сили на општината, наменските служби, вработените и интервентните служби на сопственикот. Во случај на поголем настан треба да се вклучат пожарникарите, Итната медицинска помош и МВР, додаде Максути.
Директорот на ДЗС потенцираше дека силите и средствата на локална самоуправа, во кои спаѓаат јавните претпријатија, установи, служби, волонтери и просторните сили на Дирекцијата за заштита и спасување, потоа државните сили и средства, тимовите за брз одговор на ДЗС и Републичките сили имаат надлежност заедно со градоначалниците на тие општини каде што има настан, да дејствува во координација со ЦУК за спречување на пожарите.
Освен тоа, Максути наведе дека проблемот е во малобројноста на првите луѓе што интервенираат во случај на пожари. Според него, и покрај тоа што се пријавени повеќе човечки ресурси за првата интервенција, мал е бројот коишто се пријавуваат за интервенциите, додека вклучувањето на другите ресурси заедно со другите институции е многу поскапо и поопасно и рече дека согласно законот тие треба да бидат последни што се вклучуваат во такви случаи.
Во меѓувреме, Ангелов на ова коментираше дека службите од Национални шуми пријавуваат повеќе лица коишто се водат како луѓе подготвени за интервенции во случај на пожар но бројот на луѓето коишто реално можат да интервенираат во вакви случаи е многу мал.