Груби за Т7: Оставките на ДУИ од Владата го отворија патот на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните промени

grubi
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во македонската Влада Артан Груби во синоќешното интервју за косовската телевизија Т7 изјави дека одлуката за оставки на министрите од редовите на неговата партија – Демократската унија за интеграција (ДУИ) се во функција на интеграциите на Северна Македонија во Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Груби изјави дека со одлуката за депонирање на оставките од страна на министрите, ДУИ ѝ го отвори патот на македонската опозиција за да гласа за уставните измени.


Одговарајќи на новинарско прашање, првиот вицепремиер во македонската Влада рече дека со одлуката која вчера ја објави партискиот лидер, Али Ахмети, ДУИ се откажува и од ветувањето дадено на последните парламентарни избори за премиер Албанец во Северна Македонија, и тоа го прави „за доброто на граѓаните и во полза на интеграцијата во ЕУ“.

– Ако ние одиме во опозиција, при што опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) би ги гласала уставните измени, за што се потребни две третини во Собранието, ние сме кажале дека за иднината на нашата земја сме подготвени да се откажеме и од привремена влада и од премиер Албанец и од нашите мандати. Од сé што е политички договор на коалицијата ние се откажуваме, под услов македонската опозиција да ги гласа уставните измени, изјави Груби за Т7.

Членот на раководството на ДУИ потсети дека услов на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за таа партија да гласа за вклучување на бугарското малцинство во македонскиот Устав било „излегувањето на ДУИ и на Албанците од македонската влада и формирањето моноетничка влада“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

– Познато е дека пред два месеци имаше средба меѓу премиерот (Димитар) Ковачевски и опозицискиот лидер, г. Мицкоски, при што Мицкоски нагласи дека единствен услов на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да ги гласа уставните измени, кои се услов за продолжување на нашиот европски пат, е излегувањето на ДУИ и на Албанците од македонската влада и формирањето моноетничка влада на двете главни македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Значи, на опозицијата не ѝ пречи вклучувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот, не ѝ пречи ништо друго, туку ѝ пречи Албанците да бидат во владата и ѝ пречи еднаквоста меѓу Македонците и Албанците, рече Груби.

Одлуката за оставки на министрите, додаде македонскиот вицепремиер, не е ненадејна, затоа што „определба на г. Ахмети и на ДУИ за целосна интеграција на Северна Македониај во ЕУ не од денеска, не од вчера, туку е актуелна уште од основањето на партијата“.

Груби нагласи дека во случај на предвремени парламентарни избори, ДУИ нема намера да настапи сама, туку ги повикува сите други албански политички партии со проевропски ставови да се обединат во еден проевропски политички фронт.

Лиедрот на ДУИ, Али Ахмети, вчера објави дека министрите од неговата партија поднеле оставки од функциите, кои ќе станат ефективни откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.

– Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките, г. премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени, стои во објавата на Али Ахмети на Фејсбук.

Ваквата одлука ја најави вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи и потпретседател на ДУИ, одговарајќи на новинарски прашања за уставните измени.

– Сите нивни барања ги прифативме. Бараа ДУИ да излезе од Владата. Ставот на ДУИ е јасен, одлуката ќе се активира дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа. Дури може сега да ја потпишеме со одложено дејство и таа да влезе во сила дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени, рече Османи на средбата со новинарите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK