Данска сака да ги ограничи демонстрациите поврзани со сквернавење на Куранот

danska-demonstracii
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Данската Влада соопшти дека сака да ги ограничи сите нови демонстрации поврзани со сквернавење на Куранот поради загриженост за безбедноста.

Истакнувајќи дека од ваквите демонстрации екстремистите имаат корист и сеат поделеност, владата планира да ја „истражи“ можноста за интервенирање во ситуации „каде, на пример, други земји, култури и религии се навредени и кои би можеле да имаат значителни негативни последици за Данска, особено во однос на безбедноста“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи во Копенхаген.


– Ова, се разбира, мора да се направи во рамките на уставно заштитената слобода на изразување, се додава, нагласувајќи дека тоа е една од најважните вредности на Данска.

Неколку неодамнешни демонстрации во Шведска и Данска, на кои беше запалена или на друг начин сквернавена муслиманската света книга, ги зголемија дипломатските тензии меѓу овие две земји и Блискиот Исток.

Данското Министерство за надворешни работи истакна дека демонстрациите „достигнале ниво во кое во многу делови од светот на Данска се гледа како на земја која го олеснува навредувањето и омаловажувањето на културата, религијата и традициите на другите земји“. Во соопштението се нагласува дека „главната цел“ на некои од овие демонстрации е да се провоцира и оти „тие може да доведат до сериозни последици“.

Данските и шведските амбасадори беа повикани во министерствата за надворешни работи на многу земји од Блискиот Исток за да им биде изразен протест.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изминатиов викенд повторно ја повика Данска да преземе итни мерки за да го спречи палењето на Куранот. Во телефонски разговор со шефот на данската дипломатија Ларс Локе Расмусен, Фидан ги осудил континуираните „гнасни напади“ врз Куранот.

Тој му рекол на Расмусен дека е неприфатливо да се дозволат такви акции под превезот на слободата на изразување.

Припадници на данската ултранационалистичка организација „Патриоти“ на 21 јули запалија копија од Куранот и ирачко знаме пред ирачката амбасада во Копенхаген, а нивната акција ја пренесуваа во живо на Фејсбук.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK