– Возбудлива авантура низ живописната природа по течението на реката Црн Дрим и езерото Глобочица, адреналинска возбуда и неповторливо доживување од еден поинаков агол овозможуваат кајакарските тури на спортскиот клуб „Соларис“.
Возбудливите кајак тури имаат три појдовни точки, но сите завршуваат во Глобочичкото Езеро. Првата е од излезот на урбаното корито на реката Црн Дрим, после даљанот во должина од 19, 5 километри, втората почнува од селото Ташмаруништа и третата онаа најкратката од Бигорскиот мост, на три – четири километри до селото Глобочица.
Претседателот на клубот „Соларис“, Коста Хиохи, за МИА раскажа како е да се весла по брзите води на реката Црн Дрим, но и мирното Глобочичко Езеро. Интерес, вели има, како кај домашните спортисти и рекреативци, така и кај туристите. Во последно време голем е интересот за тим билдинг турите, во вид на натпревари или само кајакарење низ живописниот предел, што овозможува поголемо зближување и соработка меѓу вработените. Кајакарите, нагласи, се следени од копно и вода, за било каква поддршка или помош, што им дава дополнителна сигурност.
– После даљанот или доколку изборот е за пократка патека, кајаците ги спуштаме на старната точка, посебно обележано место. Кајакарите најпрво добиваат кратки инструкции за кајакарењето, добиваат безбедносна опрема и впловуваат во авантура. Овие кајаци се стабилни, наменети за аматери може да ги користат и непливачи, бидејќи им даваме и дополнителна опрема, како елеци за спасување. Со нив оди лиценциран спасител на вода, водич, ги следиме од копно, но и низводно со чамец, појаснува Хиохи.
Адреналински дел или поголемо маневрирање на кајакот, според него, е потребно кај селото Дабовјани, каде има брзаци.
– Тука водата е многу брза. Оној што еднаш кајакарел може да ги совлада лесо. Но, за да се избегне било каква опасност, како втора опција имаме тргнување од селото Ташмаруништа, од каде ги следи и служба со моторен чамец. Таму водата е помирна, малку потешко е за веслање, па доколку некој има потреба може да им биде пружена помош од чамецот, да ги влече или пак да ги земе, додава Хиохи.
Најкратката, односно три-четири километарската патека е од кај Бигорскиот мост, најчесто ја користат повозрасни лица или оние што сакаат да уживаат во благодетите на кајакарењето, но да не се заморат.
За трите патеки, нагласи, целта е во селото Глобочица, каде кајакарите прават одмор и го разгледуваат селото, а ги чека и традиционален македонски ручек, подготвен од вештите раце на локалното население. Имаат можност да вкусат јадења карактеристични за тоа поднебје како риба, комати, домашни сирења, раноградинарски производи….
Убавина што го одзема здивот
Тргнувајќи од даљанот, па до крајната дестинација селото Глобочица туристите поминуваат низ еден навистина живописен предел, кој неможе да се доживее од копно.
– Природата воодушевува. Туристите се фасцинирани, а жителите на регионот изненадени, бидејќи до моментот на впловување не знаеле дека постои таква убавина долж течението на реката Црн Дрим. Она што виделе се неколку пејзажи што се гледаат од патот Струга – Дебар, но од вода гледаат поинаква перспектива и се фасцинирани од глетката, раскажува соговороникот за МИА.
Црн Дрим, со емоции нагласува, плени со својата бистрина и убавина. Богатата флора и фауна се забележува од кајаците. Се гледаат речни желки, видри, различни видови риби,… Со заезерувањето кај Ташмаруништа водата добива зелена боја од алгата која цути таму и е непровидна. Се поминува низ кањон, кој дава една поинаква слика. Кога веслачите поминуваат низ теснецот рибите се вознемируваат и скокаат околу кајаците, а некогаш може да залутаат и во нив, што предизвикува дополнителна возбуда за авантиристите.
– Влегувате во една сурова средина, која наликува на некоја прашума. За момент ќе се почуствувате толку мали меѓу тие планини. Се забележуваат чапји, корморани, птици, кои не биле научени на друг учесник во водните активност и постојано не пратат додека кајакариме. Се плашат дека им го загрозуваме теренот. Не напаѓаат, но секогаш по неколку корморани не следат, вели нашиот Коста.
Откако ќе го поминете кањонот на реката Црн Дрим, појаснува дека се весла низ Глобочичкото Езеро, односно низ старото село Глобочица, кое во 1963 година било потопено поради изградбата на електраната.
– Тука се наоѓа потопениот манастир Свети Илија, каде врз канбанаријата, односно на едно дрво, кое се наоѓа зад црквата, која е 30 метри под вода, е поставено македонското знаме, додава Хиохи.
Покрај пловењето низ мирните езерски води кајакарите попатно имаат можност да ги разгледаат културните знаменитости, да слушнат за историјата и важноста на Дримколскиот регион и Малесија, каде се родени важни лица од македонската историја и култура.
– Поминуваме низ културно – историски места, кои имаат важен белег во македонската историја. Селото Ташмаруништа каде единствено во овој регион е подигнато Илинденското востание. Поминуваме покрај селата Враништа, Ложани, Дабовјани, Ташмаруништа, местата Бигор, Бигорски мост и Теснец, се до Глобочица, информира Хиохи.
Веслање по свадбениот пат на јагулата
Приказната за свадбениот пат на јагулата, е само една од низата кои им ја раскажуваат на учесниците во кајакарските доживувања. Иако со изградбата на хидроцентралата Глобочица, природниот пат за мрестење на оваа риба е запрен, познатата патека што ја минувала јагулата од Охридското Езеро да стигне до Саргаското море за мрестење поминувал токму тука, низ течението на Црн Дрим.
Утринско кафе, забава и дружење во Охридското Езеро
Покрај адреналинските тури низ речното корито на Црн Дрим, 20-тината членови на „Соларис“, но и сите љубители на пловењето на мирни води си приредуваат вистинско летно уживање во Охридското Езеро.
– Во лето кајаците се поставени на една од градските плажи и во 6 часот наутро секој што е слободен може да дојде на заедничко кајакарење во Охридското Езеро. Покрај веслањето пиеме кафе во длабочините на езерото, имаме заедничка дружба, се бањаме и се враќаме на брегот. Покрај спортскиот дух, тоа е и социјално зближување на членовите, а може да се вклучи и секој заинтересиран граѓанин, вели Коста.
Природата плени, но човечката несовесност создава лоша слика
Во адреналинските доживувања учесниците честопати среќаваат и работи кои не сакаат да ги гледаат, а тое е отпадот. Токму затоа членовите на „Соларис“ и волонтери организираат акции за чистење на отпадот во пристапните предели, долж течението на Црн Дрим и Езерото Глобочица.
– Само во едно чистење на местата на впловување собравме седум тони отпад. На секоја тура го собираме попатното ѓубре во чамецот, чиј капацитет е до 130 килограми. Следно би сакал да реализираме посериозни проекти за чистење на реката Црн Дрим и езерото Глобочица и да ја тргнеме лошата слика кај туристите. Но и да апелираме до локалното население да не фрлаат отпадоци во помалите реки, кои се влеваат во езерото и при поголем дожд го носат цел отпад таму, вели Хиохи.
Авантуристите, љубителите на природата и спортот на вода може да си приуштат едно неповторливо доживување во недопрената природа по течението на реката Црн Дрим, да ги наполнат батериите од чистиот воздух и мирот што го нуди околината,
Слаѓана Стојкова Костоски
Фото: МИА и спортски клуб „Соларис“