– Хуманитарните операции на Обединетите нации во Нигер се суспендирани поради државниот удар, а земјата веќе се соочува со „сложена“ хуманитарна ситуација, соопшти денеска портпаролот на ОН Стефан Дижарик.
Според Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања (ОЦХА), бројот на луѓе на кои им е потребна хуманитарна помош во Нигер се зголемил од 1,9 милиони на 4,3 милиони во 2023 година, а бројот на луѓе погодени од тешката несигурност во храната се очекува да достигне околу три милиони пред следната жетва (од јуни до август).
Војниците во западноафриканската држава Нигер го соборија демократски избраниот претседател Мохамед Базум, кој е на власт од 2021 година. Објавувајќи дека е извршен пуч, доцна синоќа група војници на националната телевизија изјавија дека го поништиле Уставот, ги суспендирале сите институции и ги затвориле границите на земјата.