– Силната бура Доксури ја врати силата на супертајфун доближувајќи се кон југоисточна Кина, откако ги погоди Тајван и северните делови на Филипините со дожд и силни ветришта при што потона брод, а загинаа најмалку 25 луѓе.
Ветровите околу центарот на бурата достигнаа и до 187 километри на час, со што Доксури повторно стигна до највисокото ниво на кинеската категоризација на тропски бури.
Ферибот потона во близина на филипинскиот главен град Манила, откако патниците вознемирени од силните ветрови се упатија на едната страна од бродот и го превртеа.
Околу 36 лица загинаа оваа недела за време на бурата Доксури која го погоди северниот дел на Филипините.
Во јужните окрузи на Тајван, бизнисите и училиштата беа затворени поради предупредувања за свлечишта и поплави.
Сите домашни летови и ферибот беа прекинати, додека повеќе од 100 меѓународни летови беа откажани или одложени.
Запрен беше и железничкиот сообраќај меѓу јужниот и источниот дел на Тајван.
Доксури се очекува да ја погоди Кина во петок наутро во југоисточната провинција Фуџијан.
Кинеската метеоролошка управа прогнозира дека Доксури ќе биде послаб од тајфунот Меранти во 2016 година, најсилната бура што го погодила кинескиот брег од 1949 година и уби најмалку единаесет луѓе.