– Парламентот на Украина со големо мнозинство гласаше за продолжување на вонредната состојба во земјата за уште 90 дена, со што практично се отфрли можноста за одржување избори кои требаше да се одржат во октомври.
Вонредната состојба е во сила од 24 февруари минатата година, денот кога Русија ја почна својата инвазија. Денешното продолжување значи дека сега ќе трае најмалку до 15 ноември.
Законот, кој им забранува на мажите на возраст од 18 до 60 години да ја напуштат земјата затоа што можат да бидат мобилизирани, оттогаш беше продолжен неколку пати. Според украинскиот Устав, за време на вонредна состојба не можат да се одржат избори. Ова е првпат националните избори во Украина да се одложат од почетокот на војната.
Засега е нејасно кога ќе се одржат парламентарните избори. Сепак, претседателските избори се закажани за следниот март, а актуелниот претседател Володимир Зеленски сè уште не потврдил дали ќе се кандидира за реизбор. Кога првпат беше избран во 2019 година, Зеленски вети дека ќе одработи само еден мандат, но во мај 2021 година рече дека не донел конечна одлука.