– Воените пучисти на Нигер денеска го повикаа населението да остане смирено по инцидентите за време на демонстрациите во главниот град Нијамеј, каде стотици луѓе се собраа да ги поддржат, еден ден по соборувањето на претседателот Мохамед Базум.
– Националниот совет за зачувување на татковината го повикува населението да остане смирено и да се воздржи од каков било вандалски чин чија цел е уништување на јавен и приватен имот, рече потполковник Амаду Абдраман во изјава за националната телевизија.
Тој истакна дека за време на демонстрациите било забележано однесување со кое бил нарушен физичкиот интегритет на поединци и нивниот имот.
На демонстрациите за поддршка на пучистите се собраа стотици луѓе пред националното собрание во главниот град Нијамеј.
Меѓу нив, група млади се упатиле кон седиштето на владејачката Партија за демократија и социјализам (ПНДС), кое се наоѓа на неколку километри од местото на собирот, а таму ја ограбиле зградата и запалиле возила на паркингот.
За време на демонстрациите, возило влетало во толпата, а потоа демонстрантите го оштетиле и го малтретирале возачот. Еден пратеник кој учествувал на демонстрациите бил гаѓан со камења, а потоа го извлекле други демонстранти.