– На иницијатива на Секторот за внатрешни работи Тетово деновиве се одржаа повеќе работни состаноци на локалните совети за превенција од општините Брвеница, Врапчиште и Маврово-Ростуше, а пред тоа и од Гостивар. На средбите кои се дел од кампањата „Безбедно лето“ се разговарало за потребата од навремено превенирање на пожари на отворен простор и шумски пожари, со координирано вклучување на повеќе надлежни служби во општините.
-Ова, пред се поради високите температури на воздухот последните денови и зголемените ризици од настанување на пожари. Покрај ова, станало збор и за ефикасно пресретнување на свадбените пукања со огнено оружје и на неовластеното приредување на огномети и употреба на разновидна пиротехника на свадбени и други семејни свечености, како и за откривање и санкционирање на угостителските објекти и угостителите кои послужуваат малолетници со алкохолни пијалаци. Од страна на присутните е констатирано дека вакви средби треба да се организираат почесто, а советите да вложат напор да го најдат вистинското место и улога во секојдневието на подрачјата на кои функционираат пред се на безбедносен план, посочи Марјан Јосифоски, портпатол на СВР Тетово.
СВР Тетово воедно со апел до граѓаните да не палат огнови на отворен простор, да не фрлаат догорчиња и неизгаснати опушоци и да бидат максимално внимателни кога се движат низ полето и шумите, со потсетување дека за предизвикување шумски пожар согласно член 227 од Кривичниот законик предвидена е затворска казна од 8 до 10 години, зависно од крајните последици.