– Ирак се закани дека ќе ги „прекине дипломатските односи со Шведска“ доколку дојде до уште едно палење на Куранот, соопшти денеска канцеларијата на ирачкиот премиер Мохамед Чиа ал-Судани, откако демонстрантите ја запалија Шведската амбасада во Багдад.
„Ирачката Влада вчера ја информираше шведската Влада преку дипломатски канали дека ќе се насочи кон прекин на дипломатските односи со Шведска во случај на уште едно палење на Куранот“, се вели во соопштението на кабинетот на премиерот по средбата со официјалните претставници за безбедност.
Шведската амбасада во Багдад е запалена рано изутрината за време на демонстрациите организирани од приврзаниците на верскиот водач Моктада Садр. Инцидентот, како што јавуваат светските агенции, се случил пред протестот во Шведска, каде е планирано да биде запалена копија од Куранот.
Околу 20 лица се приведени во Багдад.
Шведското Министерство за надворешни работи соопшти дека персоналот на амбасадата е безбеден.
Упадот во Амбасадата во Багдад следеше откако шведската полиција одобри митинг денеска во Стокхолм. Организатор е Салван Момика, ирачки бегалец во Шведска, кој планира да запали копија од Куранот и ирачкото знаме пред Ирачката амбасада.