– Јужнокорејскиот министер за надворешни работи Парк Џин ја повика Кина да одигра конструктивна улога во справувањето со заканите на Северна Кореја.
Министерот овој повик го упати на средбата со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на маргините на состанокот на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во главниот град на Индонезија, Џакарта, откако Пјонгјанг оваа недела лансираше интерконтинентална балистичка ракета.
Парк Џин изрази длабоко незадоволство поради лансирањето на ракетата.
„Од заеднички интерес на Сеул и Пекинг е Северна Кореја да престане со провокациите и да се врати на дијалогот“, се вели во соопштението од кабинетот на јужнокорејскиот министер.
„Министерот Парк истакна дека е поважно од кога било за кинеската страна да игра конструктивна улога во мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров“, се додава во соопштението на јужнокорејското Министерство за надворешни работи.