„Јас одев прв, а џелатот ме следеше со бајонетот в рака. Во собата видов убиени луѓе, некои уште беа живи и стенкаа. Еден беше без глава. Собата беше полна, а телата лежеа по две или три едно врз друго… Влегов и ми зададоа шест удари со бајонетот, по грбот, зад увото, под десната челуст и грлото. .. Во големата соба убиваа по тројца, или четворица, но во оваа мала соба другите жртви мораа да гледаат додека беа зафатени со мене. Го гледав човекот од Дебар како се бори крај вратата. Му го пресекоа вратот и завршија со бодења во грбот…“ – ова е дел од потресното и морничаво сведоштво, кое го оставил преживеаниот Георги Белев од Сер за масакрот, кој го извршиле првин Грците, а потоа и Бугарите во Женското училиште во овој македонски град во Егејска Македонија во јули во 1913 година.
Според Kарнегиевата комисија, Грците од 7 до 11 јули 1913 година во серското женско училиште спровеле масакр врз Македонците. Според Kомисијата, во училиштето имало 200-250 луѓе, а тие што колеле со касапски ножеви и со бајонети систематски ги убивале. Секој од нив имал за цел да убие четиринаесетмина, што очигледно бил бројот колку што секој можел да закопа во текот на ноќта – стои во извештајот. На 11 јули 1913 година, кога бугарски сили почнале напад на Сер, во училиштето имало уште 60-70 живи цивили. По тој напад само 10 од нив успеале да го преживеат, затоа што ранетите паднале меѓу труповите.
Kога грчката војска го зазела македонскиот град Сер во Балканските војни во јули 1913 година во него запалила меѓу 4 илјади и 6 илјади куќи, а во околината уште 6 села, говорат податоците на Меѓународната комисија на Kарнегиевата фондација за испитување на причините и водењето на Балканските војни. Откако и Бугарите го нападнале Сер во борбите бил пак гранатиран од двете страни и претрпел нови палежи и уништувања. Kарнегиевата фондација го објавила својот извештај во 1914 година.
Чудовишниот масакр врз Македонците во Сер во овие неколку јулски денови пред 110 години е, со факти и сведоштва потврдено, извршен од Грците и Бугарите. Cпоред османлискиот систем македонското население не можело етнички да се изјаснува како Македонци, туку било попишувано според вероисповед, односно припадност на Грчката патријаршиска црква, или на Бугарската егзархиска црква.
Kолежите опишани како победи во грчките телеграми
Во Првата балканска војна против Османлиската Империја грчката војска од Тесалија продира во Македонија и на 12 ноември 1912 година влегува во Солун. Откако се споиле со српските сили во Македонија, главнината продолжила на исток кон Kавала. Во втората Балканска војна во летото 1913 година година оваа комбинирана грчко – српска воена сила се судрила со бугарската војска кај Сер. Борбата меѓу Грците, Србите и Бугарите била со главна цел кој ќе заземе и ќе окупира поголем и позначаен дел од географската територија на тогашната етничка интегрална Македонија, по распадот на Турската Империја. Kарнегиевата комисија успева да дојде до архивите на грчките војници, кои дејствуваат на македонскиот и на тракискиот фронт. Во писмата до своите блиски грчките војници ги нарекуваат воени победи и успеси настаните, кои денес ги имаат сите белези на геноцидни злосторства врз недолжното македонско цивилно население.
Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година
Еден месец по Лондонскиот мировен договор, со кој е завршена Првата Балканска Војна, почнува Втората Балканска Војна, која за околу педесеттина дена, колку што траела, однела голем број жртви, најголем број цивили-Македонци, кои биле изложени на вкрстен оган меѓу армиите на балканските завојувачи. Сепак, според документите зачувани до денес, најголемите ѕверства во двата ужасни летни месеца на Втората Балканска војна ги направиле грчките војници кои вршеле непојмлив, крвав геноцид низ Егејска Македонија.
„Колеме по заповед на кралот!“
Од писмата на грчките војници испратени од фронтот може да се види со каков ужас се соочувало македонското население во селата и градовите под грчка окупација. Стотината писма преку воената пошта на грчката армија требало да бидат доставени до адресите напишани на пликот, но поштата била заробена од бугарската армија во Разлог на 14 јули 1913 година и писмата стигнале во јавноста. Станува збор за страотна колекција на автентични сведоштва, кои, како што тврди проф. д-р Љубомир Милетиќ, веднаш таа 1913 година била донесена во Државниот архив во Софија. Тој ја објавил својата книга за теророт на грчката војска во Егејска Македонија само неколку месеци по завршувањето на Втората Балканска Војна. Во неговата книга се поместени и 53 потресни фотографии од ужасите направени врз Македонците, кои грчките војниците ги правеле, како што признаваат во писмата, по заповед на командата и на грчкиот крал.
Во писмата грчките војници на своите роднини и пријатели им се фалат дека секаде каде што поминале не оставиле ниту еден жив „славофон“, што им паднал в рака, оти ги силувале сите Славомакедонки, кои биле фатени од нив, дека ги запалиле сите села на славофоните и слично. Еве неколку извадоци од грчките воени сведоштва за масакрот, што го направиле андартите на фронтот во јужниот дел на Македонија за време на Втората Балканска војна.
„По заповед на кралот ги палиме сите славофонски села; ги силувавме сите млади момички што ги фативме.“ – пишува еден од војниците на кралот. Друг пишува: „Со радост ги палиме славофонските села; ако нема мажи, ги убиваме жените и децата.“. Во писмото трет грчки војник изнесува: „Селата, во кои нема Грци, ги гориме до темел, за да не може одново да никне таа гнасна славофонска раса.“ Еден од војниците пишува дека ги наоѓале селаните скриени по разни места: „Секојдневно наоѓаме мнозина од нив и ги убиваме.“ Во писмото број седум пишува: „Таква е наредбата – да ги палиме селата, да ги убиваме младите.“
Еден од грчките војници во свое писмо сето тоа што се прави на теренот го споредува со касапница: „Ова што го правиме со славофоните е касапница; нема нивно село, или град, кој не е изгорен.“ Слично на него еден од војниците ги известува своите пријатели во некое село близу Атина: „Ги убиваме сите славофони, кои ќе ни паднат в раце, што значи дека нема заробеници, нема сведоци.“ Еден друг војник, сепак, покажува некакво мало сочувство, пишувајќи: „Палењето на селата и убивањето на недолжниот народ е нечовечко дело, затоа што сите што ги заробуваме ги поминуваме под нож.“
Според писмата, цитирани во француското издание на овие ужасни писма, може да се констатира дека масакрот се вршел масовно и во секоја прилика. Така еден од војниците со своето писмо вели: „Од 1200 заробеници, кои ги заробивме кај Нигрита, не останаа повеќе од 41 во затворот.“ Друг ладнокрвно ќе напише: „Во селото Броди фативме пет славофони со една мома од Сер. Ги атворивме во една визба. Девојката ја убивме без мачење, а мажите многу ги мачевме, живи им ги извадивме очите.“
Следното писмо цитирано и во францускиот превод, потврдува дека дека грчките војници не ги сметале Македонците како луѓе: „Каде што ќе најдеме еден или двајца славофони, веднаш ги убиваме како врапчиња“. Од писмото на друг војник може да се види дека во Егејска Македонија грката војска правела невидени масакри, дозволувајќи им војниците да се однесуваат како да се во кланица: ,,Ми дадоа 16 заробеници, за да ги доведам во дивизијата, а јас доведов само двајца. Другите ги изеде мракот – ги убив попат.“
Палени живи безброј Македонци по селата и градовите во Егејска Македонија
Проф д-р Милетиќ само неколку месеци по масакрите направени за време на Втората Балканска војна во Егејска Македонија успеал да собере голем број сведоштва, документи и фотографии, но и да разговара со дел од преживеаните, што успеале да побегнат во Бугарија. Според него, грчката војска направила невиден масакр, всушност геноцид над цивилното македонското население од Сер до Солун, преку Кукуш, Дојран и Струмица. Со првичните податоци собрани набрзо по масакрот се потврдува огромниот број мажи, жени и деца кои се водат како исчезнати.
Меѓу извршените грчки ѕверства, како што вели проф. д-р Милетиќ во својата книга со документи и фотографии од војната, објавена во Софија во септември 1913 година, како најкарактеристични по варварството, по палењето живи луѓе се одвојуваат селата Аканџали и Попово, градовите Сер, Кукуш, Гевгелија, но и во селата Герман, Крчово, Спатово, Крушово, Ѓуреџик, Горно Броди и други. Истовремено, користејќи ја воената состојба специјални групи грчки злосторници вршеле масовни убиства и во регионите, кои не биле зафатени со воените дејства.
Сведоштвата објавени во книгата на проф. д-р Љубомир Милетиќ потврдуваат дека на 20 јуни грчката војска стигнала пред Гевгелија, се укопала на околните ридови и почнала да дејствува со артилерија. Гледајќи како населението се повлекува преку мостот на Вардар, дејството на артилеријата се свртело во таа насока, па во тој навиден масакр на цивили загинале голем број гевгеличани. Кога преживеаните се искачиле на Стојаковската височинка, виделе дека горат селота Сехово, Шлопенци, Мачуково, Смол и Бајалци. Во градот Гевгелија веќе била започната страшна тортура врз оние, што не успеале да побегнат.
Продолжете со читање на expres.mk