Проф. Трајковски: Дали се исплати производството на електрична енергија во домашни услови, од фотонапонски панели инсталирани на покривот или во дворот?

fotovoltaic_3543534534
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дали се исплати производството на електрична енергија во домашни услови, од фотонапонски панели инсталирани на покривот или во дворот?

За да дојдеме до одговорот на прашањет, потребно е да направиме две пресметки на исплатливоста.


1. Производство заради продажба на ЕВН и евентуално остварување профит или

2. Производство за сопствени потреби со цел заштеда

Ќе разгледаме еден типичен домашен систем без литиум-јонски акумулаторски батерии за складирање на енергијата со инсталирана моќност од 6 kW. Сметајќи со цена од 850 до 1.100 евра по киловат инсталирана моќност, плус 200 евра за набавка на двонасочно броило и 1.000 евра за проект, инвестицијата во опремата би чинела помеѓу 6.200 и 7.700 евра за дадениот систем од 6 kW. Проектираниот минимален работен век на опремата обично се усвојува 25 години.

Годишното производство на електрична енергија зависи од сончевата ирадијација и бројот на сончеви часови, но можеме да земеме дека ќе изнесува околу 1.500 kWh од секој 1 kW инсталирана моќност. За 6 kW тоа би дошло околу 9.000 kWh/година.

Сега ќе ги разгледаме двата случаи на исплатливост.

1. Доколку произведуваме со цел да продаваме, треба да знаеме дека цената по која универзалниот снабдувач (ЕВН) ќе ни ја откупува електричната енергиа законски е ограничена на 90% од цената по која универзалниот снабдувач ја набавува од ЕСМ во пресметковниот период од 6 месеци, а истата моментално изнесува 56 евра/MWh. 90% од 56 евра/MWh изнесува 50.4 евра/MWh, односно 0,05 евра/kWh.
Во идеален случај, за 9.000 kWh/година од 6-киловатен систем би можеле да заработиме 454 евра годишно, односно за 25 години вкупно 11.350 евра. Времето за враќање на почетната инвестиција, под претпоставка дека не сме подигнале кредит, изнесува (6.200…7.700)/454 = 13,6…17 години, што е прилично лошо. Ако земеме кредит, работите стојат дури и полошо, ако претпоставиме дека цената на електричната енергија, изразена во евра, нема да расте со истото темпо. Потенцијаните дефекти на опремата и трошоците за поправка исто така не ги земаме во предвид.

Нашата вкупна добивка за 25 години би изнесувала 11.350-(6.200…7.700)) = 3.650…5150 евра, односно на годишно ниво 146…206 евра. Годишниот принос во однос на вложените средства изнесува (146…206)/(6.200…7.700) = 1.9%…3,3%, што е прилично скромно за средства вложени на 25 години. На пример, приносот на граѓанските обврзници моментално изнесува 5% годишно, при рок на достасување од само 2 години. Не дај Боже да се случи дефект на инвертер, па може лесно да се случи од профитабилен овој домашен бизнис да стане губитен.
Заклучок: инсталирањето домашни фотонапонски панели со исклучива цел остварување добивка од продавање на електричната енергија НЕ СЕ ИСПЛАТИ, со оглед на таканаречените опортунитетни трошоци (изгубена камата доколку сме инвестирале готовина) или каматните трошоци, доколку сме граделе со позајмени пари.

2. Да го разгледаме вториот случај, домашно производство од фотонапонски панели за сопствени потреби со цел остварување заштеда. Тука најголем проблем ќе ни биде искористувањето на електричната енергија, имајќи предвид дека производството е најголемо околу пладне, но во тој период луѓето најчесто не се дома, а доколку се дома во тој период се троши релативно мал дел од вкупната дбевна потрошувачка. Во македонски услови најголемата потрошувачка е во утринските и вечерните часови, но фотоволтаиците тогаш не произведуват енергија. На складирањето можеме веднаш да заборавиме, бидејќи цената на складирање изнесува од 75 до 110 евра/MWh (4,5…6,8 ден/kWh), што е речиси исто со цената на енергијата што ја плаќаме на ЕВН, не сметајќи ја цената на сопственото производство од нашите фотонапонски панели, којашто изнесува 2,46…3,1 ден/kWh.
Најпрво да ја пресметаме цената на енергијата што сме ја произвеле. Бидејќи ќе произведуваме за сопствени потреби, не можеме да сметаме со 1.500 kWh//година/kW, туку со најмногу 1.000 kWh//година/kW. Нашата инвестиција за 6 kW систем од 6.200…7.700 евра за период од 25 години на годишно ниво изнесува 248…308 евра. Ние би искористиле околу 6.000 kWh (2/3 од максимумот 9.000 kWh при оптимално искористување), така што цената на нашата енергија изнесува (248…308)/6.000 = 0,04…0,05 евра/kWh, односно 2,46…3,1 ден/kWh.
Оваа наша цена од 2,46…3,1 ден/kWh веќе значително е пониска од високата тарифа ВТ2 (4,89+2,62)*1,18 = 8,9 ден/kWh, а пониска е дури и од ниската тарифа НТ (1,40+2,62)*1,18 = 4,74 ден/kWh, иако не толку убедливо.

Иако цената на домашно произведената електрична енергија е пониска од цената на купената, таа не ни го решава проблемот со потрошувачката на енергија во вечерните часови. Во тој случај би требало да користиме акумулаторски батерии за складирање, со цена на складирањето 4,5…6,8 ден/kWh, така што нашата цена би достигнала (2,46…3,1)+(4,5…6,8) = 6,96…9,9 ден/kWh, што е повисоко дури и од цената на купената енергија во високата тарифа ВТ2 од 8,9 ден/kWh.

Заклучок: иако цената од домашните фотоволтаици е пониска во текот на „сончевите“ часови и носи заштеди, таа заштеда многу не придонесува кон вкупната заштеда, затоа што во во вечерните часови цената на складирањето би ја поништила заштедата и би се издначиле со цената на купената електрична енергија. Крајниот резултат е само минимална заштеда и тоа само во случај ако успееме така да го организираме животот, па трошиме само во тек на „сончевите“ часови. На пример, ако сме пензионери и готвиме/переме на пладне, ја загреваме/ладиме куќата со клима уред претежно преку ден, евентуално акумулираме термоакумулациона печка за време на сончевите часови. Бидејќи сме на граница на рентабилност, еден поголем дефект (на пример прегорување на инвертерот) лесно може добивките да ги претвори во загуби.
На крајот, да кажеме дека оваа анализа важи за малите домашни производители, коишто можат да ја продаваат енергијата единствено на ЕВН. Пресметките се сосема поинакви за големите производители со фотонапонски фарми, коишто можат да ја продаваат електричната енергија на отворен пазар на индустријата или да ја извезуваат. Но, кај нив има друг вид на ризик, а тоа е ценовниот ризик, поради флуктуација на берзанските цени. Исто така, да не ги заборавиме и компаниите коишто произведуваат енергија за сопствени потреби. Тие се уште профитираат, бидејќи можат да заштедат во однос на цените на отворениот пазар. Интересно, оние компании коишто лани изградија фотонапонски фарми, за време на скапата увозна енргија, веќе ги вратиле парите и ќе имаат бесплатна енергија следните 25-30 години.
Во последно време во Европа се изградени огромни производни капацитети во фотонапонски фарми, коишто прилично ја урнаа цената во текот на сончевите часови, така што и таму просторот за профитирање е прилично стеснет, а во корист на домаќинствата коишто ќе добијат енергија по ниска дневна тарифа. Кога ќе ја подвлечеме цртата, испаѓа дека производството на електрична енергија од фотоволтаици може да биде исплатливо само кај фотонапонските фарми како бизнис, при целосна искористеност на капацитетите и при продажба на отворениот пазар (со сите ризици што ги носи), како и кај компаниите за сопствени потреби.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK