Одлуката на турскиот претседателот Реџеп Тајип Ердоган да го проследи Протоколот за членство на Шведска во НАТО до Големото национално собрание што е можно поскоро, претставува историска одлука која е „добра за Шведска, добра за Турција и добра за целата Алијанса, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред почетокот на дводневниот Самит на Пактот во литванскиот главен град Вилнус.
– Ваквата историска одлука за прием на Шведска во полноправно членство во НАТО, исто така е важна и за реонот на Балтикот, за Литванија и за целиот регион, додаде Столтенберг.
Тој нагласи дека од Самитот ќе биде испратена јасна порака дека Алијансата ќе стои зад Украина „онолку долго колку што е потребно“ и изрази надеж дека ќе биде донесена одлука за дополнителна помош на земјата „за да ослободи колку што е можно повеќе од својата територија“.
Столтенберг најави дека очекува сојузниците да упатат јасна порака за прием на земјата во НАТО во иднина и дека ќе предложи пакет од три елементи за поголема практична поддршка на Киев со цел да се обезбеди целосна интероперабилност меѓу украинските и сојузничките сили, да се зајакнат политичките врски меѓу Алијансата и Украина и да се утврди Акциски план за чекорите за членство на Украина во НАТО.
– Стоиме покрај Украина и ќе ги унапредиме политичките врски со Киев, вклучително и на инаугуративниот состанок на Советот НАТО-Украина со претседателот Володимир Зеленски, истакна Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО порача дека клучна задача е Украина да опстои како независна и суверена држава во Европа и затоа е неопходно испраќање воена поддршка, бидејќи „ако не можеме да ја заштитиме како демократска европска земја, тогаш нема да може да стане воопшто збор за нејзино членство во Алијансата“.
Столтенберг нагласи дека НАТО внимателно ги следи постапките на Русија и најавите за распоредување на нуклеарно оружје во Белорусија и дека Пактот е подготвен да ја заштити секоја своја членка од евентуална нуклеарна закана.
Според него, НАТО засега нема сознанија за распоредување на припадници на единицата Вагнер во Белорусија, но дека внимателно ги следи состојбите и дека ќе ги преземе сите потребни мерки за заштита на своите сојузници.
Тој најави дека на Самитот ќе бидат донесени одлуки и за „зајакнување на одвраќањето и одбраната“ со обезбедување поголем број вооружени сили подготвени за дејствување и очекува лидерите на земјите членки да дадат „поамбициозно ветување“ за одвојување на повеќе средства за инвестиции во одбраната, со што обезбедувањето на два проценти од националниот БДП би бил минималната сума намената за потребите на одбраната.
Столтенберг го поздрави и присуството на лидерите на Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја на Самитот во Вилнус, што според него, е доказ дека безбедноста не е регионално, туку глобално прашање.
Во однос на состојбите во Косово, во одговор на новинарско прашање, Столтенберг изјави дека НАТО со внимани ги следи случувањата во северниот дел и се залага за деескалација и за воздржување од постапки што би можеле да ги зголемат тензиите во регионот.
– НАТО е присутен во Косово, таму ги имаме силите на КФОР, со задача да ја гарантираат безбедноста и стабилноста на Косово и на луѓето кои живеат во Косово, изјави Столтенберг, најавувајќи дека Алијансата ќе го зголеми своето присуство во Косово со испраќање на дополнителни војници, како резултат на зголемените тензии во последните недели.