Тимот од Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст денеска ја презентираше петгодишната програмата за работа и новата Платформа за пристап до финансии. На презентацијата присуствуваа претставници на компании, организации за поддршка на бизниси, Министерството за економија, Стопанската комора, бизнис акцелератори, консултанти и останати чинители на приватниот и јавниот сектор. Присутните имаа можност да се запознаат со програмата на која во следните пет години ќе работи на зголемување на растот, вработувањата и продуктивноста на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) во земјатa.
Дел од програмата, како што е наведено во соопштението од УСАИД, беше промовирана на новата Платформа за пристап до финансии која ќе го олесни пристапот на ММСП до расположливите средства на финансиските пазари. Преку неа, ќе бидат ангажирани 32 консултанти со долгогодишно искуство во секторот кои ќе им помогнат на компаниите да пристапат до најоптималните средства со кои ќе ја зголемат продуктивноста, а со тоа ќе влијаат и на нивниот раст и развој.
Во соработка со Министерството за економија, на овој настан, исто така беа презентирани и мерките од програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествената одговорност за 2023 година. Овие мерки имаат за цел да ја подигнат конкурентноста, како и нивото на целокупната економија.
Партнерствата за економски раст, велат од УСАИД, соработуваат со компании, организации за поддршка на бизниси, едукативни центри …, со цел да гo зголеми растот, вработувањата и продуктивноста преку вложување (ко-инвестирање) – средства, експертиза и технологии – со компании, центри за едукација и организации за поддршка на бизниси, зголемување на употребата на достапни комерцијални и алтернативни извори на финансирање, подобрување на подготвеноста на ММСП за инвестирање, обезбедување на насочена поддршка на ММСП во застапување и лобирање за прашања кои се од посебен интерес за нив, преку платформата за јавно-приватен дијалог.