– НАТО го претвори литванскиот главен град Вилнус во тврдина заштитена со најсовремено оружје за состанокот на лидерите на Алијансата идната недела, на само 32 километри од границата на Литванија со Белорусија, јавија светските агенции.
Шеснаесет сојузници на НАТО испратија вкупно околу 1.000 војници да го обезбедуваат Самитот на 11 и 12 јули. Вилнус се наоѓа на околу 150 километри од Русија. Многу од овие земји обезбедуваат и модерни системи за противвоздушна одбрана кои балтичките држави ги немаат.
Освен воена опрема, испратени се и средства за справување со можни хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни напади.
„Би било повеќе од неодговорно ако нашето небо не биде заштитено додека пристигнуваат Бајден и лидерите на 40 земји“, рече претседателот на Литванија, Гитанас Науседа.