– Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на јуни има изготвено вкупно 51 информативно-едукативни записници за лица кои се затекнати при неправилно одлагање отпад.
Во текот на јуни, со континуирани дежурства, соопштија денеска од ЈП Комунална хигиена-Скопје, се покривале десетина локации во општините Ѓорче Петров и Чаир, додека неделава биле реализирани дежурства и во скопските општини Гази Баба, Аеродром, Центар и Карпош.
– Според Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје ги празнат контејнерите поставени на територијата на градот Скопје еднаш во текот на денот, седум дена во неделата. Но и покрај фактот дека отпадот одложен во садовите се подигнува и транспортира секој ден, повторно сме соочени со масовно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.
Преку дежурствата на нашата Еко-патрола се обидуваме максимално да ја превенираме појавата на диви депонии, но би сакала да истакнам дека ЈП Комунална хигиена-Скопје нема надлежност да ги казнува прекршителите на Законот за јавна чистота, туку истите само да ги информира и едуцира.
Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје се задолжени да го соберат и да го транспортираат отпадот одложен во садовите, но дали локациите ќе останат чисти и по заминувањето на нашите екипи, во најголема мера зависи од постапките на самите граѓани, истакнала директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Николиќ Мазнева, се додава во соопштението.