Леонид Петковски од кумановското „Наце Буѓони“ ќе ја претставува државата на светскиот МОS натпревар

leonid_34534543
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Ученикот Леонид Петковски од кумановското средно училиште „Наце Буѓони“ освои прво место на националниот МОS (Microsoft Office Specialist) натпревар и ќе ја претставува државата на светскиот МОS натпревар, што ќе се одржи во Орландо, Флорида.

Во силна конкуренција, тој освои 1.000 поени и најбрзо време на решавање. Леонид заврши прва година во „Наце Буѓони“ во Куманово на насоката електротехничар за компјутерска техника и автоматика.


– За натпреварот се подготвував речиси цело второ полугодие заедно со професорот. Работевме преку тестови, видеа, книги по неколку часа дневно. Пред натпреварот ги дуплиравме часовите за вежба. Темелно ги учев опциите, вели Леонид.

Тој не се плаши од конкуренција, напротив таа го мотивира и смета дека со упорност и вежбање може да освои едно од трите места на светскиот натпревар што ќе се одржи кон крајот на јули и почетокот на август годинава. Тој и во моментов темелно се подготвува за светскиот натпревар. Летниот распуст го користи за вежбање, посветува најмалку од три до пет часа дневно за натпреварот.

– Таму, како што ни објаснија учениците кои претходните години се натпреваруваа, предвидени се три часа за решавање, при што се применуваат научените вештини за Word, посочува ученикот.

Тој првпат се заинтересирал за програмирање уште од основно образование во училиштето „11 Октомври“. Омилени предмети му се информатика и програмирање. Леонид планира да продолжи да го надоградува своето знаење во областа на Web програмирање и да го потврди знаењето со светски признаени сертификати.

– Со упорност и посветеност може да се постигне сè, вели Леонид.

МОS натпреварот се одржува седма година во организација на Цертиадриа Скопје, поддржан од Град Скопје, Семос Едукација, Стопанска банка АД – Скопје и Општина Куманово.

Неговиот ментор, електро-инженер, Марјан Спасиќ, наставник по стручна настава во електротехничката струка во „Наце Буѓони“, вели дека за решавање на тестот биле предвидени 50 минути.

– За време на натпреварот се земаат предвид најмногу освоените поени (од вкупно 1000) и најбрзото време на решавање. Конкуренцијата беше очекувано силна. Леонид и второпласираниот учесник освоија еднаков број максимум поени, но Леонид беше побрз за десет минути што беше пресудно за учество на светскиот натпревар, вели Спасиќ.

Учеството на натпреварот се обезбедува во неколку фази. Прво, основните и средните училишта ги пријавуваат најдобрите ученици на возраст од 13 до 18 години за натпревар на општинско ниво. Најдобрите од општините се натпреваруваат на националниот МОS натпревар, што се одржува во Скопје.

Оваа година од вкупно дванаесет финалисти на националниот МОS натпревар дури половина беа од Куманово.

– За добар успех потребно е многу труд и вежбање, истрајност, упорност, знаење и вештини од апликацијата во која се натпреварува учесникот, појаснува професорот Спасиќ.

Пет години училиштето „Наце Буѓони“ активно учествува на националниот МОS натпревар, а четири години по ред ученици под менторство на професорот Спасиќ освојуваат прво место на националниот МОS натпревар и учествуваат како претставници на државата на светскиот МОS натпревар. Еден од учесниците на претходниот светски натпревар, Филип Насковски освои деветто место.

Општина Куманово петта година финансиски го поддржува овој проект и неодамна организираше прием за учесниците на овој натпревар.

Александра Максимовска

Фото: општина Куманово

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK