– Премиерот на Холандија, Марк Руте синоќа соопшти дека неговата коалициска Влада поднесува оставка поради непомирливите разлики за имиграциската политика.
– Вечерва, за жал, дојдовме до заклучок дека разликите се непомирливи. Затоа наскоро ќе му поднесам оставка на кралот во име на целата Влада, истакна Руте.
Лидерите на четирите коалициски партии вчера одржаа кризна средба, но не беше постигнат договор, поради спорот за прашањето до кој степен членовите на семејството можат да им се придружат на бегалците кои веќе се во Холандија.
Тензиите достигнаа врв оваа недела откако Руте побара да се ограничи влезот на децата од воените бегалци, кои веќе се во Холандија и дека семејствата мора да чекаат најмалку две години пред да се обединат.
Христијанската унија и либералната Д66 воопшто не сакаа да го прифатат тоа.
Тоа беше четврта Влада на Руте, кој 13 години е премиер и има втор најдолг стаж во ЕУ по Виктор Орбан. Тој не се изјасни дали повторно ќе се кандидира на новите избори кои се очекуваат наесен. Дотогаш тој ќе ја води државата во технички мандат.
Владата на Холандија беше формира дури по девет месеци преговори, а се состоеше од десно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД), лево-либералната Демократи 66 (Д66), Христијанско-демократската партија (ЦДА) и помалата Христијанска унија.
Барањата за азил во Холандија се зголемија за една третина минатата година, а до крајот на годината може да има повеќе од 70.000, што е највисоко од 2015 година.
Ова повторно би ги оптоварувало капацитетите за баратели на азил во Холандија, каде што условите често биле нехигиенски поради пренатрупаноста. Руте вети дека ќе ги подобри условите во објектите, но имал намера тоа да го направи со намалување на бројот на бегалци. За тоа не успеа да ја добие поддршката од коалициските партнери кои сметаа дека неговата политика отишла предалеку.
Изминатите месеци рејтингот на владејачката партија нагло падна поради бројните кризи. На локалните избори во март сите владејачки партии забележаа значителни загуби.
Голем победник на тие избори беше десничарското популистичко Движење на земјоделци – граѓани (БББ). Се предвидува дека БББ да биде многу успешна на претстојните парламентарни избори.
Партијата се здоби со популарност изминатите месеци поради спротивстваувањето на владините еколошки регулативи за намалување на емисиите на азот. Против мерките земјоделците протестираа неколку години, понекогаш и насилно.