Оптимизација на училишната мрежа и нова формула за финансирање во образованието

obrazovanie
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Десет општини во земјава ќе бидат опфатени со пилот-проект за оптимизација на мрежата на основни училишта односно рационализација и искористување на расположливите образовни ресурси. Целта на проектот е да се обезбедат подобри услови за настава и да се унапредат ресурсите во кадар што заедно ќе доведат до модернизирање на образовниот систем во согласност со глобалните трендови.

Ова е приоритет на МОН за кој министерот Јетон Шаќири денеска рече дека нема да биде брз и едноставен процес, но оти мора да се случи во соработка со општините.


Соопшти дека МОН има изработено и предлог за нова формула за распределба на блок-дотациите за основното и средното образование и очекува таа да почне да се применува што побргу.

Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и Светска банка денеска организираа Меѓународен форум за соодветно користење на училишните ресурси за да се слушнат мислења и искуства од европски практики за клучните фактори што ќе придонесат за успешна реорганизација на училишната мрежа.

-Анализите покажуваат дека имаме неефикасна училишна мрежа во која има голем број училишта со многу малку ученици, а од друга страна, во одредени средини, има преполни училишта кои се соочуваат со недостиг на простор, но исто така и кадар. Општините се соочуваат со стари училишни згради, кои не ги исполнуваат основните стандарди за изведување настава и за учење. Во некои средини имаме проблем со обезбедување квалификуван наставен кадар, особено во руралните средини. Има многу причини зошто сме одлучни да го продолжиме овој процес на оптимизацијата на училишната мрежа, истакна Шаќири на отворањето на Форумот.

Порача дека општините не треба да бидат загрижени од оптимизацијата и дека во оние каде што нема доволен број ученици, поради намален наталитет или иселување, локалните заедници ќе бидат консултирани за да се одредат потребите за пренамена на неискористени училишни простори кои ќе задоволат потреби на граѓаните од другите социјални услуги.

Нагласи дека Владата и МОН вложуваат во образованието, но дека е неопходно подобро и поефикасно да се користат особено во основното образование. Затоа паралелно со оптимизацијата ќе се воведува и нова формула за распределба на буџетски средства.

Постојната формула за распределба на блок-дотациите за основното образование меѓу општините, рече Шаќири, не тргнува од тоа колку средства им се потребни на училиштата за да обезбедат квалитетно образование за сите ученици и исполнување на образовните стандарди.

Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани рече дека земјава се соочува со образовна криза и дека над половина од учениците во државава не можат да ги постигнат основните стандарди/вештини за читање, математика и природни науки. Рече дека инвестициите во образованието се предуслов за неговиот квалитет и укажа дека постои сериозен недостиг од финансии, нема доволно ресурси, капитални расходи, нема одржување во објектите и нема инвестиции во професионалниот развој на кадарот.

-Не е доволно ни да има повеќе пари туку парите кои веќе ги имаме подобро да ги трошиме. Мора да донесеме многу тешки одлуки како се прават инвестициите кои се и во човечки капитал т.е. во наставници и кадар. Треба повеќе ресурси да се насочат кон подобрување на образовните исходи и начинот на кој тие може најдобро да се постигнат, рече ДиЏовани.

Додаде дека УНИЦЕФ и Светска банка ги поддржуваат МОН и Министерството за финансии во креирањето на новата формула за финансирање во образованието и им помагаат на првите десет општини во кои ќе се пилотира проектот за оптимизација на училишната мрежа.

Бојана Нацева, виш специјалист за образование од Светска банка – Северна Македонија, истакна дека неефикасното искористување на ресурсите е предизвик за земјава.

-Најголем процент од расходите во образованието се наменети за плати што го стеснува просторот за инвестиции во други важни сегменти кои се директно поврзани со квалитетот на образованието, како што е професионалниот развој на наставниците, капиталните инвестиции и подобрување на средината за учење во училиштата, рече Нацева.

Како што рече, Северна Македонија нема големи ресурси и нејзиниот најважен ресурс во обезбедувањето одржлив раст и развој е човечкиот капитал.

-Инвестирањето во луѓе преку квалитетно образование е клучен елемент за ставање крај на сиромаштијата, подобрување на здравјето на населението и создавање инклузивно општество… Затоа што поскоро треба да се направи промена во пристапот на размислувањето со тоа што на расходите за образование ќе се гледа како на стратешка инвестиција во иднината на земјата, додаде Нацева.

За да се избегне понатамошната ерозија на ефиканоста на системот, како и на еднаквоста и квалитетот, рече таа, земјата ќе треба да воспостави принцип според кој кратењето на финансии во образованието ќе дојде последно.

Посочи и дека новите формули за финансирање ќе ги следат учениците и нивните потреби, така што најранливите ученици ќе бидат приоритет, ќе ги стимулираат и наградуваат училиштата кои работат добро и одговорно врз јасни критериуми, ќе ја подобруваат ефиканоста со што, како што рече, ќе се ослободи повеќе простор за инвестиции во средините за учење и поддршка на наставниците.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK