Одлуката на Косово да прогласи две српски организации на северот за терористички е „едностран чекор што не придонесува за смирување на тензиите“, изјави денеска портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
„Го повторуваме повикот до партиите да се воздржат од какви било потези или реторика кои би ги зголемиле тензиите и итно да преземат чекори за деескалација на сегашната ситуација во согласност со предлогот на ЕУ“, изјави Стано за Радио Слободна Европа.
Претходно и Стејт департментот соопшти дека Косово не ја донело оваа одлука во координација со меѓународните партнери.
Владата на Косово на 29 јуни ги прогласи за терористички организации „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“ со образложение дека нивни членови стојат зад немирите на северот на Косово и дека „претставуваат сериозна и директна закана за уставниот поредок и безбедност на Косово“.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се „идентификувани 45 лица кои припаѓаат на организации кои учествувале во нападите врз војниците, полицајците и новинарите на КФОР“.