Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и Светска Банка денеска ќе бидат домаќини на меѓународен форум за соодветно користење на училишните ресурси. На форумот ќе се соберат креатори на политики, експерти и практичари за да ги продискутираат извлечените поуки и клучните фактори на успех од реорганизацијата на училишната мрежа во европските земји.
Форумот се организира за да се добијат информации што ќе помогнат во спроведувањето на тековната работа поврзана со оптимизацијата на училишната мрежа во Северна Македонија, а ќе го отворат министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани и вишиот специјалист за образование од Светска Банка Северна Македонија, Бојана Нацева. Главниот говорник на настанот, Лука Боескенс, аналитичар за политики во ОЕЦД, ќе сподели информации за реорганизацијата на училишните мрежи во неколку земји на ЕУ и како тој процес придонесе за зголемена ефикасност и подобар квалитет на образованието.
Како што е најавено, три од сесиите ќе отворат министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, раководителот на оперативниот оддел на Делегацијата на ЕУ, Александру Албу и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
-Со цел да се одговори на тековните предизвици во образованието, во тек е спроведување на иницијативата за оптимизација на мрежата на основни училишта која опфаќа и ревидирање на формулата за финансирање на основното образование во Северна Македонија. Земјата се соочува со образовна криза, при што постигнувањата на учениците се под просекот на Западен Балкан, ЕУ и ОЕЦД. Огромните демографски промени, вклучително и намалувањето на наталитетот, зголемената миграција и урбанизација без поголеми прилагодувања на мрежата на основните училишта, резултираа со недоволна искористеност на училишниот простор и кадар во некои средини. Наспроти тоа, други училишта имаат премногу ученици и недостиг на кадар, па затоа мора да организираат часови во две смени – што може да влијае на резултатите од учењето. Ваквите промени доведоа до неефикасна и неправична распределба на ресурсите. Дополнително, најголемиот дел од расходите за основно образование се за покривање плати на училишниот кадар, што остава недоволно финансиски средства за одржување на објектите во добра состојба и инвестирање во модерна опрема, воведување иновативни методи во наставата и учењето и професионален развој на кадарот, се наведува во најавата за форумот.