Фестивалот „Ја сакам Плачковица“ викендов ќе се одржи по 19. пат. Во двата дена планирана е богата програма со активности за кои пријавувањата се во тек. Милорад Ангелов од планинарското друштво „Лисец“ на денешната прес-конференција истакна дека пристигнала и најава за присуство на планинари од соседните земји, а се очекува да имаат над 1.000 гости.
-Навистина, оваа година интересот за сите активности е голем. Она што е интересно е дека не само што имаме интерес од цела Македонија, туку се јавија и групи од Бугарија, Србија, коишто ќе присуствуваат на нашиот Фестивал. Бројката, според некои наши прогнози, за посетеност, е над 1000 души, вели Ангелов.
Една од активностите е планинската трка којашто се одржува по вторпат, а е од рекреативен карактер за сите коишто сакаат да бидат дел од планинско трчање. И годинава ќе се одржи и велосипедска тура, во должина од околу 40 километри и висинска разлика од 1000 метри.
-Осумнаесет километри е должината на патеката. Започнува од Планинарскиот дом „Вртешка“, се оди до Туртел, врв од штипскиот дел на Плачковица, и се враќаме повторно во Планинарскиот дом „Вртешка“. Висинската позитивна разлика е 750 метри надморска висина. Исто така ја имаме и детската трка, в недела, од 10:00 часот, истакна Бојана Стефанова, член на ДПС „Лисец“.
На прес-конференцијата, Никола Грозданов од МТБ Штип истакна дека секој што ќе учествува на велосипедската тура, должен е да дојде психо-физички спремен, да има исправен велосипед и да носи задолжително заштитен шлем или кацига за да не дојде до несакани падови.
Други активности кои се дел од овогодинешната програма се и спелеолошката акција со посета на пештери и „виа-ферата“ искачување на врвот Лисец. И годинава можност има и за качување на вештачка карпа за почетници и авантуристи.
Настанот се одржува со поддршка на општините Штип и Карбинци, а е во рамки на 38. издание на манифестацијата Штипско културно лето.